| четврток, 6 декември 2018 |

Реал и без Бензема во Торино

Покрај Лука Модриќ, тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, нема да може да смета ниту на францускиот напаѓач Карим Бензема за првиот натпревар од Лигата на шампионите против Јувентус што се игра утре во Торино.
Во таборот на Јувентус се задоволни што најважниот играч на противникот нема да биде на теренот. Се работи за Лука Модриќ, кој знае да направи вишок човек и да ги разигра своите колеги од нападот.
Карим Бензема не успеа да заздрави од повредата и сега веќе сигурно е дека нема да патува во Торино. Тоа не значи и автоматско место во првиот состав за мексиканецот Чичарито.

Тренерот на „кралевите“ размислува во нападот да настапи со Кристијано Роналдо и Герет Бејл. Тоа би значело дека Реал ќе настапи со згуснат среден ред и да го неутрализира отуството на Лука Модриќ, кој, според Италијанците, е најважен играч заедно со Кристијано Роналдо.

Тренерот на Јувентус, Алегри даде свое видување за ситуацијата кај противникот.

– Секако дека би посакал да не игра и Кристијано Роналдо. Сепак и без Модриќ Реал Мадрид ќе има проблеми во средината на теренот – изјави Алегри.

Со оваа констатација се согласува и легендарниот италијански тренер Ариго Саки.

– Реал Мадрид тешко се снаоѓа без Лука Модриќ. Другите играчи тешко се снаоѓаат кога ја немаат топката во нозете. Ќе им биде тешко против Јувентус кои се физички понадмоќни – додаде Саки.

– Јуве нема да нападне. Алегри, се чини, ќе ја модификува формацијата во 3-5-2 и ќе чека Реал да згреши. Едноставно тоа е шансата на „старата дама“ бидејќи нивната одбрана е подобра од таа на Реал – тврди негошаниот тренер на Милан и италијанската фудбалска репрезентација.

Во Јувентус би биле задоволни и со минимална победа, но без примен гол, но има и такви што би биле задоволни и со реми без голови бидејќи за реваншот во Мадрид ќе бидат засилени со Погба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top