Холивудската тешка индустрија секогаш ги одразува потребите на општеството. Во безизлезна ситуација, при девастацијата на меѓународен и на финансиски план, на помош се повикуваат старите стрип-херои. Сценариото за таков маскенбал е секогаш исто. Наидува некакво „цунами“, кое ќе го збрише вкупниот поредок; некоја од жртвите се присетува на хероите од старите добри времиња; а енергијата се материјализира во ликот и во делото. Секако, старите добри времиња победуваат со можност за уште два- тринаесет нови продолженија. Но, тоа е Холивуд, со публика од неколку милијарди луѓе низ светот.
Македонската продукција на СДСМ насушните потреби ги задоволува, споредбено, со добар „Б- филм“ во полупразна сала. Денес, во ситуација на безизлез, кога Заев се заглави во сопствените вистини и демократии, кога најавените протести се сведоа на 50-ина луѓе, кога 26 илјади прислушувани се преброија на евентуални три-четири илјади, под притисок врз општинските организации да влезат во криминогени дејства, во обид да спречи внатрепартиски пуч, во спас од Заев, кој е допрен од бога, и неговите чудотворби, се појави блог-колумна во која се артикулираше сѐ погласната тешка воздишка, со прашање „а каде е Бранко“.
И почнува трето продолжение на спасувачката мисија на суперликот од македонската политичка супкултура. Бранко „ваистина“ се произнесе. Му честиташе на Заев за храброста. Тука сум, вели, заедно со синот, да помогнеме во „први редови“. Тој е загрижен, но под завет на самоизолација, молчел. За да не му пречи на новото раководство во „дисконтинуитетот“. Па, дели совети на лажичка со порака дека „’ладата‘ е подготвена и регистрирана“.
Да не е трагично, ќе беше смешно.
Од „ладата“ си патиме
Црвенковски во своето писание до „тие што се во право дури и кога грешат“ во СДСМ наведува дека неговиот молк не се должел ниту на болест, ниту на уцена. Дека молчешкум се грижел и за народот и за државата. Се повлекол за да не му пречи на новото раководство во дисконтинуитетот во протестите и во бојкотот(?), па на писмено го поддржува Зоран Заев за храброста, со подука како да функционира отпорот, а на избори никако да не се оди доколку СДСМ не е апсолутно сигурен во победата. Фала му на бога, суетата му останала недопрена, па го нагласува своето искуство како да се соочи со тоа што во СДСМ безуспешно се обидува да го сокрие- поделеноста во партијата и падот на довербата во раководството.
„Република“ уште на 30 јануари објави дека Бранко Црвенковски, далеку од очите на јавноста, околу себе екипира тим од „стари волци“ со кои крои планови за преземање на партијата. Новата постава го опипуваше пулсот за организациска поставеност и дејствување, што предизвика големо олеснување во повеќето месни и општински клубови. Тогаш „Република“ го пренесе незадоволство од Кичево, Охрид, Гевгелија, па и од бастионите Куманово и Струмица.
Последниот глас од севишниот сдсмовец го слушнавме на конгрес кога од страна го поддржа Стево Пендаровски за лидер на партијата, независниот претседателски кандидат што остана во служба на Заев. Со него во партијата, Црвенковски го има заокружено „одметнатиот“ Заев за да може да го отстрани заедно со сите длабоки „метастази“ во партијата. Односно да го земе само тоа малку вредно што е останато од неа во оваа нова, воскресната варијанта.
Во таа калкулација пред неполни три месеци, воедно и пред „бомбардирањата“ на Заев, беа посочени тие што би требало да бидат основа на новото ткиво, а меѓу нив се и актуелни пониски функционери во „актуелниот“ СДСМ, кои ја имаат контролата врз мрежата низ државата за да може при внатрешниот преврат во врвот да ги неутрализира евентуалните несогласувања.
Црвенковски дури и се понуди да биде предводник на протестите. „’Ладата‘, симболот на ‘отпорот’ е во одлична состојба, редовно одржувана и навреме регистрирана“, порача Црвенковски.
Заев во „златен кафез“
Но што поддржува Црвенковски? Денес, кога секому, па и на Заев и на Црвенковски, им е кристално јасно дека мора да има правна завршница за случајот со прислушување и обид за преврат, Црвенковски го дочека моментот без отпор да се врати на престолот. Заев ја добива поддршката да ја заврши валканата работа и по сите параметри за тоа да одговара на подолг рок. Црвенковски за тоа нема ниту потреба да чувствува одговорност, Заев и така му е должен едно помилување. Заев го претчувствува моментот, но се надева на натамошни олеснителни околности доколку дојде до преврат во власта. Прашање е само дали кога ќе ги избришат солзите, кога Заев ќе замине на отслужување, ќе се устоличи Црвенковски лично, или Пендаровски ќе ја валоризира поддршката од конгресот.
Заев е свесен за овие калкулации. Не случајно бара со сите сили да се запре процесот уште во Јавното обвинителство. Не е ниту случајно тоа што во својата турнеја за објавување на телефонските разговори ги опфати градовите што беа наброени како места со најголем отпор против раководството и политикантството. Тој сака да го прикаже единството, кое, судејќи и според зборовите на Црвенковски, го нема, но и да ги втурне „немирните“ во чинот на објавување на снимките, со што ги прави соучесници.
Но, обидот актуелниот лидер на СДСМ цело ова време да балансира со бранковистичкото крило што му дишеше во врат со создавање жив штит околу него со Пендаровски и со Шекеринска, како и од пет-шестмина поранешни разузнавачи, функционери од времето на Црвенковски, всушност се затвори во „природен кафез“. Паралелната работа на терен, спроведувањето на словенечката стратегија „Надеж“ со пленумите и антифашистичките предавања низ „слободните зони“, само му ја отежнува позицијата на Заев. Всушност, затворен во диџејската кабина со снимките, тој живее во партиската централа носејќи го целиот товар на криминалните дејства на своите плеќи. Контактот со реалноста од партискиот терен е сликата од пренесени информации, кои минуваат низ неколку филтри. Затоа и сите негови настапи се сведени на „слободата и демократијата“, „незадоволството расте“, „не ме донесе Господ до тука за сега да ме пушти низ вода“.
Грешката на Заев што не го послуша Црвенковски, воден од чувството дека е допрен од Бога, е и што се „пресмета“дека ќе може по конгресот да се потпре на луѓето на Црвенковски. Јавно на Пендаровски, тајно, пред сѐ, на Зоран Верушевски. Доколку и не бил на чисто со сомнежите зошто не му излегува математиката на хартија, маглата ја расчисти признанието на Љубчо Георгиевски дека врската Верушевски- Црвенковски направи државен преврат во 2001 година. Не смее ниту да се заборави дека Георгиевски многу блиску соработуваше со Црвенковски пред смената во СДСМ, а веројатно дека тој момент го искористил за да дознае нешто повеќе за моментите при неговиот пад. Затоа и не му требало повеќе од имињата на петто и на шестообвинетиот во „Пуч“ за да ја види големата слика.
Имајќи ги предвид сведочењата на поранешните соработници на Црвенковски и на Заев, дека во партијата има традиција на прислушување дури и во самата партија, не се далеку ниту тврдењата дека нарачката за прислушување е дојдена од СДСМ. Само, од кое СДСМ – на Заев или на Црвенковски?
Во игрите меѓу Црвенковски и Верушевски за да се дојде до власт никогаш не се размислувало за жртвите, па макар влогот бил и вооружен конфликт во државата. Времето на „Големото уво“ го покажа тоа. Зошто ли Заев, по толку години минати во партијата, помисли дека ќе застане меѓу Црвенковски и Груевски во главната пресметка за власт? Одговорот, веројатно, лежи во разговорите на Заев со Севишниот, на патот од нивата што ја копал до централата на Павел Шатев.
(Пишува: Наум Стоилковски
Текст објавен во 138. број на неделникот „Република“, 24.04.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.