| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на претставата „Спанаќ со пржени компири“ во Велешкиот театар

Тројцата фудбалски судии во претставата, кои изнудија голем аплауз на бис кај присутната публика се младите актери на Велешкиот театар Фаик Мефаиловски и Жарко Спасовски и како гостин познатиот актер на штипскиот Народен театар Владимир Тулиев.

Режисерот Ненад Витанов, кому ова му е десетта претстава, оцени дека е здоволен од претставата за што според него потврда е долгиот аплауз од публиката.

Претставата ги опишува проблемите на тројца фудбалски судии за време на еден натпревар. Иако на прв поглед темата е фудбалот, таа ја прикажува страста спрема животот.

– Секој од нас има некои проблеми, подеми и падови, тоа е животот кој го има прикажано оваа претстава, затоа вечерва и беше интересна на публиката и мислам дека долго ќе живее на оваа сцена. Воедно планираме и повеќе гостувања и учества на фестивали во земјава и странство – негласува Витанов.

Актерот Владимир Тулиев во изјавата за медиумите по претставата оцени дека е задоволен од она што тие тројцата го прикажале пред публиката, а замисленото го реализирале на сцената.

– Задоволство ми беше да играм првпат на оваа сцена на новиот објект на Велешкиот театар. Јас ја знам велешката публика, која е феномен во земјава, а дека многу им се допадна потврда беше силното ракоплескање од нив. Ова е комедија, но до вчера имавме тешки проби за да се најде вистинскиот нишан за да допре до публиката и мислам дека успеавме и јас и колегите како што и тие ми рекоа по претставата, нагласи актерот Тулиев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top