Американскиот заменик помошник државен секретар Хојт Ји го повтори повикот до македонските власти да се справат со случајот со прислушувањето, како и повикот до опозициската партија СДСМ да се врати во Собранието, јави МИА.
Ји говореше на седница на Комисијата за надворешни работи на американскиот Претставнички дом во средата вечер, заедно со Сузан Фриц, раководител на одделението за Европа и Евроазија на агенцијата УСАИД.
– Ги поддржуваме аспирациите на Македонија за членство во НАТО и во Европската Унија. Во последно време ние и нашите европски партнери со загриженост ја следиме политичката криза во Македонија поврзана со објавувањето на прислушувани материјали од страна на лидерот на опозициската партија. Ја повикуваме Владата да се справи со прислушуваните материјали на начин кој ја покажува посветеноста на евро-атланските принципи. Ја охрабруваме опозицијата, која во моментов го бојкотира Собранието, да се врати во тоа тело и да помогне да се разреши кризата. Загрижени сме и за растечките разлики меѓу етничкото македонско малцинство и етничката албанска заедница. Интеграцијата на Македонија во НАТО и во Европската Унија останува важна за да се постигне траен мир и стабилност во регионот. Со новата Владата во Атина, ги потикнуваме двете страни да постигнат заемно прифатливо решение на таканаречениот спор за името кој го блокираше напредокот на земјата во евроатланските интеграции, изјави заменикот помошник државен секретар.
Ји се осврна и на целиот балкански регион, велејќи дека американски приоритет останува да се работи на интегрирањето на регионот во НАТО и во Европската Унија, оценувајќи дека сепак оваа американска визија е под закана како никогаш до сега по крајот на Студената војна, поради кризата во Украина. Ји додаде дека е точно дека процесот на проширување и интегрирање во Европската Унија е забавен, поради инсистирање на Унијата на воведување повисоки, построги стандарди за идните земји членки.
Управителката Фриц од УСАИД исто така кусо се осврна на програмите кои оваа Агенција ги врши во регионот и во Македонија, пред се во областа на политичките програми и слободата на медиумите.
-Во Македонија програмата на УСАИД за поддршка на медиумите промовираше независност на медиумите, истражувачко новинарстгво и еден сервис за проверка на факти кој досега објави над 1.000 критички анализи на медиумски текстови, рече Фриц.
Конгресменот Грегори Микс побара да слушне од Ји која е стратегијата на Стејт Департментот за обезбедување на енергетската иднина на регионот и изрази загриженост од најавите дека Грција сака да биде
дел од руските планови за спроведување на природен гас преку Балканот.
Ји рече дека приоритет за Европската Унија е да се изгради систем на гасоводи кој ќе овозможи увоз на гас од повеќе разни извори на гас, но и инвестирање во обновливи и домашни извори на енергија. Ји додаде
дека САД внимателно ги следат настапите и изјавите на руските дипломати на Балканот и не се согласуваат со неодамнешната оценка на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека за Русија, идните проширувања на НАТО ќе се сметаат за провокативен чин.
Куриозитет на седницата на Комитетот беше настапот на Џо Диогарди, кој служеше четири години како конгресмен од изборна единица од Њујорк и беше претставник на албански лоби организации во Вашингтон. Во својот настап Диогарди говореше за режимот на Милошевиќ, ја обвини Македонија за расизам кон Албанците цитирајќи забелешки од Ерван Фуере и побара федерализација на Македонија, побара поддршка за сменување на партијата на Хашим Тачи од власт во Косово и го обвини поранешниот американски амбасадор во Косово за прескапата изградба на автопатот меѓу Албанија и Косово, пред да биде замолен да го приврши обраќањето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.