Во ТВ-шоуто на мадам Колошиње, кокетна, но плиткоумна метреса на вечната опозиција, се појавија двајца ВИП-гости кои по возвишеноста на мислата, во огромна мера потсетија на шимпанза. Ете зошто сите обиди за уривање на власта, цврсто закована за волјата на народот, никако да успеат, кога како предводници на оваа гротескна камарила ќе ги видите и господин Пржен или господинот Мусул, гости во ова ТВ-шоу за идиоти, на секогаш провокативната мадам Колошиње.
Тезите што ги изложуваат се колку контрадикторни, толку и смешни.
Откако Чезаре Борџија се пензионира, прегазен од толпата желки што му ги скршија тенките, но брзи нозе, главно користени за играње маалски баскет, опозиционерите начисто пропаднаа, останувајќи глупави, тупави и неспособни за понатамошното школување.
Затоа во таа ужасна регресија на политичката свест што ги снајде, им се навртеа на интелектуално инфериорните, токму на оние што сè уште се во процесот на едукација.
Животот на тинејџерите и на адолесцентите е, во основа, преполн со фрустрации. Огромната енергија на нивните либида која еруптира без сатисфакција, а со мегаломански и нереални очекувања, ги прави секогаш подобни за агресивна иритација, за политикантска манипулација и за романтична акција.
И тоа треба да се прави што почесто и што поинтензивно, инаку сета таа потенција ќе биде залудно потрошена на енормните квантуми мастурбација. А тоа е, навистина, огромно губење енергија, која, во секој случај, би можела да се насочи кон уривањето на власта.
Затоа водачот на опозицијата од својот глодарски брлог издаде неотповиклива наредба „секој опозиционер да ги активира своите чеда во револуционерна акција, во опструкција на институциите на државата и во најдрска агресија кон неистомислениците. Кој остане непослушен или лојалист, ќе добие корбач по грбот. И овој третман нема да биде прекинат под притисокот на каков било сентиментализам, а камшикувањето ќе трае до бесвест, можеби и до смрт. А потоа, ваквите трагични случаи на превоспитување ќе ѝ бидат подметнати на власта, на оваа ужасна и нечовечна власт, која еве нè гази цели девет години, нас – избраните, генијалните, неспоредливите. Штета што нашиот народ е толку глупав, толку гнасен, толку прост“ – ламентира тој, придружуван од најаналитичните негови соработници. „Да не беше народов таков, сигурно ќе ја препознаеше нашата незаменливост“ – поентира пред камерите, во студиото на мадам Колошиње, револтираниот господин Мусул.
„Се сложувам со г. Мусул“ – се придружи со извештачена емпатиска гримаса г. Пржен.
„Треба да се биде индивидуалистички индивидуален, а не како онаа багра бараби пред спортскиот центар во онаа космомолска приредба од пред неколку недели, кои покажаа една празна индивидуалност, една индивидуалност во толпата како празнина, мислам…“ – тука тој повторно крахира и сервилно се повлече пред експертизата на г. Мусул, кој како да имаше да предложи нешто конструктивно, нешто што ќе им биде од корист како на опозиционери што треба, конечно, да ја приграбат власта.
Еднаш за секогаш, зошто вака не го бидува. Па г. Мусул удри со сета сила на своето безумие да ја образложува својата концепција за сменување на власта:
„Видете, треба да се иницира демократскиот институт – улица. Треба да се извадат сите поддржувачи на опозицијата, пред сè, оние кои се во процесот на едукација; исто така, треба да се иницираат протести и кај учениците во основното образование, а ако е потребно, а, по сè изгледа и ќе биде, да се активираат и децата од претшколска возраст. Тука главна улога ќе одиграат воспитувачките, незадоволни од режимот, но и оние кои се членки од опозициските партии“.
Мадам Колошиње ја развлече својата одобрувачка насмевка. Годините не ја нагризаа нејзината пасија за еротски авантури, напротив, како поминуваа, таа сè повеќе ги љубеше полноќните јавања на дивите магариња што слободно пасеа по саваните на предградијата на оваа толку сиромашна, а, сепак, толку живописна земја, барем што се однесува до биодиверзитетот, до тој раскош на флората и фауната.
„Треба сѐ да исполитизира, да се сензибилизира со содржините на спектакуларните политички бомби, што беа скоро катадневно исфрлани од брлогот на глодарот“ – се надоврза таа.
„Та, ви се молам!“ – повторно се истопори пред камерите, узурпирајќи го вниманието, расположениот за промоција на неговите кретенски идеи – г. Мусул.
„Нема амнестија за оваа криминална власт, ниту компромис. Како, тоа, ќе амнестирате крадци и убијци, каков компромис е тоа, ако некој, кој убил 100 луѓе, го амнестирате? Ќе направите компромис дека убил само 50 луѓе и ќе го амнестирате поради тоа?“
Мадам Колошиње подзина. Не очекуваше дека г. Мусул има толку многу револуционерен жар во себеси, а воедно и така кратко паметење, кога со голема страст се залагаше да се амнестираат убијците и терористите од 2001 г. Таа со кокетна насмевка го придуши неговото излагање и со дискретна гестикулација му го даде зборот на г. Пржен.
„Па, видете“ – почна да голта кнедли затекнатиот г. Пржен.
„Треба да се биде максимално претпазлив кон оние, што од морални причини ќе поднесат оставка од министерските места во владата. Не треба да има реваншизам. Би можеле да ги осудиме само на доживотни робии и да им го конфискуваме имотот, но никако да ги бесиме по плоштадите или со чекани да им ги кршиме главите, како што тоа го правеа нашите револуционерни предци. А што би рекла меѓународната?! Мора да внимаваме на тој фактор“ – поентира задоволно од себеси г. Пржен.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.