Најсилната ракометна репрезентација на планетата и актуелен светски, олимписки и европски шампион, Франција, денеска ќе ни гостува во квалификациски меч за настап на ЕП, кое во 2016 година ќе се одржи во Полска. „Триколорите“ се фаворити, а речиси едногласно истакнуваат дека Македонија е земја на ракометот.
– Македонија е одличен тим иако релативно лесно ги победивме во Нант. Сепак, тоа беше пријателски меч пред едно големо натпреварување, а ова е официјален натпревар. Тешко е да се победи во Скопје, во земјата на ракометот. Имате добар тим, добри играчи со многу искуство и одлична публика. За нас ова е меч од голем важност и ќе се обидеме да победиме – вели селекторот на Франција, Клод Онеста.
Слично е размислувањето и на Никола Карабатиќ, еден од најдобрите и најтрофејни ракометари во историјата на оваа игра.
– Знаеме дека ќе биде тежок меч. Знаеме каква е публиката овде, како таа навива за своите миленици. Имам искуство кога играв со Барселона против Металург и Вардар, навистина е тешко да се победи овде. Последниот меч во Нант против Македонија беше нешто поинакво од ова што нѐ чека во Скопје – рече Карабатиќ по пристигнувањето во Македонија.
Франција е на првата позиција во шестата група и со две победи против Македонија, вечерва во Скопје и на 3 мај во Тулуз, ќе биде сигурен патник за Полска. Нашата репрезентација е во одлична ситуација по ремито во Чешка и победата над Швајцарија на домашен терен, а евентуален подвиг со Франција речиси сигурно ќе нѐ води на ЕП следната година. Мечот ќе се игра во салата „Борис Трајковски“ со почеток во 20.15 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.