Во пресрет на квалификацискиот натпревар за Европското првенство во ракомет во Полска 2016 година, репрезентацијата на Македонија ќе одигра два натпревари со актуелниот олимписки, светски и европски шампион Франција на 29. април во Скопје и четири дена подоцна во Тулуз.
Македонските ракометари ја препуштаат фаворитската улога на противникот, но порачуваат дека нема лесно да се предадат во „Борис Трајковски“ и сакаат да се претстават во добро светло пред преполните трибини и пред сите љубители на ракометот во Македонија.
Селекторот Ивица Обрван напоменува дека репрезентацијата едвај ќе одработи само два тренинга, но тоа е распоредот кој го одреди ЕХФ и нема простор за поголеми подготовки, впрочем како и за сите репрезентации што играат во квалфикациите.
– Ќе одработиме два тренинга, а посебен акцент ќе ставиме на одбраната. Гледавме снимки од француската репрезентација и се надеваме дека во овие два дена ќе се подготвиме колку што можеме подобро. Дополнителен проблем се повредите на Велко Маркоски кој има повреда на тетивата на ногата и Наумче Мојовски кој се жали на повреда на рамото на шутерската рака. Тие работеа одвоено од другите, но се надевам дека ќе стиснат заби и ќе се обидат да го дадат максимумот. За Франција не треба да се трошат зборови бидејќи се актуелни светски прваци и се репрезентација која игра заедно 10 години – изјави Ивица Обрван.
– Еден од главните играчи во составот е голманот Борко Ристовки кој ако има свој ден ќе биде нерешлива енигма за француските ѕвезди.
– Играме без притисок бидејќи ни доаѓа олимпискиот, светскиот и европскиот шампион. Секако нема однапред да се предадеме, но да потенцирам дека нашите главни натпревари во квалификациите се оние во јуни против Чешка и Швајцарија. Тогаш треба да ја бараме нашата шанса за пласман на Европското првенство во Полска – изјави Ристовски
– Сличен е и ставот на Филип Миркуловски кој се надоврза на Ристовски и потенцираше дека овие две средби со французите се одлична подготовка за натпреварите што се од клучно значење во јуни.
– Ова треба да биде одлична тест-проверка, за да воиграме некои комбинации, но и селекторот да проба можеби некои други играчи. Наше е да дадеме се од себе, ако дадеме 100 проценти и го загубиме мечот не е ништо срамота, туку сме направиле чекор напред – додаде Миркуловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.