Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, денеска во Приштина се сретна со заменик-премиерот на Косово, Хашим Тачи.
Нивна заедничка оцена, како што соопшти ДУИ, е дека Македонија и Косово треба да ја унапредуваат соработката во заемен интерес. Насилството и инцидентите, оценија, не се во интерес ниту на Македонија ниту на Косово.
– Состанокот меѓу двете влади, што ќе се случи наскоро, ќе придонесе за подобрување на односите меѓу двете земји и ќе отвори една нова перспектива – истакнал Тачи по средбата.
Со овој став се согласил и Ахмети, кој истакнал дека соработката со Косово е во интерес на двете земји и додал дека секогаш го поддржува дијалогот меѓу Косово и Србија.
Тој и Ахмети разговарале и за политичката состојба во Македонија и инцидентот во Гошинце.
– Стабилна и европска Македонија е во интерес на Косово и интеграцијата во ЕУ. Мирот во Македонија е во интерес и на Косово бидејќи каков било инцидент не помага ниту на Косово ниту на Македонија – посочил Тачи.
Ахмети, пак, посочил дека Албанците во Македонија не сакаат нова криза, туку само спроведување на Охридскиот договор и, како што рекол, сите да бидат еднакви за доброто на сите.
Околу обвиненијата дека Косовци го извршиле нападот кај Гошинце, лидерот на ДУИ посочил дека двете влади треба да седнат да дискутираат и да споделуваат информации во врска со овој настан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.