| четврток, 6 декември 2018 |

Премиерно прикажан долгометражниот документарен филм „Сведоци-Австралија“

svedociAvstr

Долгометражниот документарен филм „Сведоци-Австралија“ во режија на Марија Џиџева денеска премиерно беше прикажан во Кинотеката на Македонија. Реализацијата на филмот е дел од проектот за „Евидентирање, фотографирање, снимање и архивирање видеоматеријали и разговори со Македонците протерани од Егејска Македонија во 20 век“.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска пред премиерата на филмот рече дека станува збор за трет дел од долгометражниот филм „Сведоци“, исклучително значаен проект од програмата на Владата и Министерството за култура, кој ќе има трајно влијание во македонскиот историски и образовен контекст и кој ќе ја збогати македонската историска наука со нови и вредни сознанија.

unnamed (1)

Долгометражниот филм „Сведоци-Австралија“, истакна министерката, е автентично сведоштво за тешката судбина и личната драма на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, кои иако го продолжија својот животен пат во Австралија не ја заборавија својата татковина.

– Овој долгометражен филм е епска едночасовна драма во која се прикажани прогонeтите, дискриминираните и репресираните Македонци, кои се соочија со вистинска голгота поради сопствениот македонски, етнички, јазичен и културен идентитет. Токму затоа непроценлива е вредноста на овој документ, кој ќе ја сочува нашата колективна меморија за идните генерации, документ кој го потврдува нашиот легитимитет како нација која ја почитува и валоризира историјата – посочи Канческа Милевска.

Интензивно се работи и на документирањето на сведоштвата на Македонците што живеат во Чешка, Полска, Австрија, а до крајот на годината ќе се архивираат и повеќе лични искажувања на Македонците од САД.

Директорката на Кинотеката на Македонија, Мими Ѓоргоска – Илиевска рече дека целта на проектот е да се зачува културното и историското наследство од Егејска Македонија на протераните Македонци за време на Граѓанската војна во Грција, да не се заборави историјата односно минатото на македонскиот народ.

Режисерката  Џиџева рече дека била соочена со еден дел од нашата историја, со многу емоции и искрени кажувања кои и на неа и отвориле нов поглед кон нашата историја и живеење. Таа се заблагодари на тимот со кој работела бидејќи, како што рече, заедно направиле една емотивна приказна.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top