За време на велигденските празници Дојран забележи зголемена посетеност. Туристичките работници велат дека само во текот на викендот повеќе од 5.000 гости се забавувале во дојранските угостителски објекти, а поголем број биле сместени во викенд-куќите. Во црквата „Свети великомаченик Ѓорѓи“ во Нов Дојран, црквата „Свети Илија“ и во манастирот „Марија Магдалена“ во Стар Дојран се одржа свечена велигденска литургија, а присутните беа сведоци и на величествен огномет на полноќ во знак на славењето на Христовата победа на смртта и на воскресувањето.
– Се наѕира нов туристички календар на посетеност на Дојран, од Велигден, па натаму – велат угостителите не криејќи го задоволството од зголемениот интерес за посета на Дојранско Езеро.
Голем придонес во напорите за зголемување на бројот на туристите во Дојран има и локалната самоуправа, која успеа да ги исчисти плажите од трска низ целото крајбрежје во должина од три километри. Надојдените води на езерото веќе го покрија првиот урбанизиран дел од плажите, па така со сигурност плитките води на езерото се со подлога од песок.
– Според последните мерења направени во вторникот (14.4.2015 година) во 7.30 часот нивото на водата достигнала до 146,75 метри над нулта-котата или, според последните мерења направени во април, во просек, нивото на водата достигнало до 145,69 метри над нулта-котата. За Дојранско Езеро да го достигне максималното ниво на вода од 147,30 метри над нултата му недостигаат уште само 55 сантиметри. Во 2001 година или годините на еколошката катастрофа, водата од брегот била повлечена во просек до 800 метри кон центарот на езерото, а на некои места и до еден и пол километар. Нивото на Дојранско Езеро било намалено за речиси пет метри и од вкупното количество вода било останато само една четвртина – ни рекоа од Општина Дојран.
Доколку имате желба да почувствувате медитеранска клима, најдобро е да го посетите овој историски град во југоисточниот дел на Република Македонија. Во втората половина на август во Дојранско Езеро цветаат алгите и тогаш е најлековито. Тогаш доаѓаат и најмногу туристи, а особено семејства со мали деца за да го подобрат нивниот имунитет или за со алгите да лекуваат синуси и крајници. Калта, пак, од езерото постарите ја користат за лекување ревма и слични проблеми.
По долгогодишен сушен период, водата повторно се врати во Дојранско Езеро, се ревитализираа плажите, а и рибарите се враќаат во Дојран. Во ова најмало езеро, но најбогато со риба, секојдневно се лови сом, крап, костреш, црвеноперка. Свежата риба по многу пристапни цени може да се вкуси во локалните ресторани. Дојран има и Езерски музеј . Сместен е во просториите на локалната самоуправа, со колекција од растителниот и од животинскиот свет од Дојранско Езеро, а е претставен и карактеристичниот начин на лов на риби и е поставена карактеристична рибарска колиба.
Природата овде е многу дарежлива. Топлата клима овозможува изобилство на медитерански растенија во дворовите на дојранци. На секој чекор виреат калинки, смокви, но и маслинки со извонреден квалитет.
Не постои човек што дошол во Дојран, а да не ја слушнал легендата за Дојрана, по која Дојранско Езеро го добило своето име. Според една легенда, убавата мома што се викала Дојрана била вљубена во овчарчето Лабин. Еден ден среде град се виело оро каде што биле собрани сите моми и ергени. Тука била и Дојрана со Лабин. Во тој момент дошол Џемо арамбашата, кој откако ја здогледал убавата Дојрана, ја грабнал, а Лабин тешко го ранил со сабјата. Дојрана скокнала од коњот на Џемо и се стрчала кон Лабин. Иако ранет, таа успеала да го довлече до езерските води и за да не бидат заробени од Џемо заедно се удавиле во езерото. Од тој трагичен настан, езерото се нарекува по името на Дојрана, Дојранско Езеро, а градот го добил името Дојран. Според оваа легенда и големиот македонски композитор Трајко Прокопиев го напишал балетот „Лабин и Дојрана“, кој за првпат бил изведен во 1957 година.
Според друга легенда, во градот Полин имало една многу убава девојка што се викала Дојрана. Била висока и црноока, со вита става. Дојрана со своите другарки секоја вечер доаѓала на чешмата што се наоѓала во пространата долина источно од градот. Една вечер кога Дојрана отишла по вода со своите другарки, кај чешмата дошол и нејзиниот сакан, убавиот Лабин. Додека Дојрана и Лабин си разговарале за нивните љубовни чувства, другарките на Дојрана ги наполниле бардињата и ѓумовите со студена вода и тргнале накај дома. Дојрана и Лабин останале сами. Се задржале подолго време. Кога виделе дека другарките си заминале и ја оставиле сама, многу се збунила, набрзина ги наполнила со вода своите бардиња и побрзала да ги стигне другарките. Било ноќ и Дојрана се плашела да си оди дома сама. Во брзањето да ги стигне своите другарки ја заборавила чешмата отворена. Големата количина вода од чешмата течела цела ноќ, па другиот ден народот со чудење гледал дека целата долина е исполнета со вода и место убава ливада, настанало езеро. Бидејќи полјанци дознале дека Дојрана ја заборавила чешмата да тече цела ноќ, односно таа е виновникот што настанало езерото, по нејзиното име го нарекле Дојранско Езеро, а градот го нарекле исто така по нејзиното име Дојран.
Во чест на Дојрана, жителите изградиле споменик кејот на Дојранско Езеро и на него е претставена убавата мома Дојрана, според која градот и езерото го добиле името.
Во минатото езерото замрзнувало. Се претпоставува дека турските освојувачи предводени од полковникот Евренос-бег, поминале преку замрзнатото езеро, кое било покриено со снег, без да знаат дека е езеро. Впрочем таква легенда живее меѓу дојранци. Кога аскерите влегле во градот, населението останало изненадено од тоа како војската не се удавила, а и пашата по веста дека војската поминала преку замрзнато езеро бил зачуден. Во чест на спасувањето на војската од сигурна смрт и освојувањето на Дојран, Евренос – бег ја изградил Саат-кулата, која и денес постои во градот. Така била наречена бидејќи на неа бил поставен часовник од народот. Таа била висока околу 10 метри и со својата височина доминирала во околината. На врвот од кулата часовникот бил многу голем и отчукувал од 1 до 12 пати, односно толку колку што е времето. Часовникот сите граѓани ги известувал за времето, трговците и занаетчиите за отворање и за затворање на дуќаните, рибарите за одење на мандрите, а посебно им служел на Турците за соопштување на времето за молитва.
(Пишува: Невена Поповска
Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 137. број на неделникот „Република“, 17.04.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.