| четврток, 6 декември 2018 |

Мини-киви за макси-заработка

Кивито (од семејството Actinidiaceae) е повеќегодишно, дрвенесто и листопадно растение-ползавец. Татковината на ова растение е југоисточна Азија, а комерцијално се значајни три видa од ова растение, меѓу кои и мини-кивито (Actinidia arguta)

Кивито е дводомно растение (освен некои видови), односно машките и женските цветови се наоѓаат на различни единки. Комерцијалното одгледување на кивито почнало на почетокот на 20 век во Кина, од каде што се раширило на Нов Зеланд, Чиле, САД и во Италија, која сега е најголем производител на киви.

Мини-кивито се нарекува и сибирско или отпорно киви и е растение што издржува температура и до 30 Целзиусови степени под нулата. Основна разлика во однос на обичното киви е отпорноста на ниска температура и поситниот плод, кој е без влакненца и не е потребно да се лупи пред консумирање. Плодот е со големина на зрно грозје, сладок и е многу вкусен. Плодовите се берат во октомври и на почетокот на ноември.

mini-kivi-2

Цената на една садница изнесува седум евра. Раѓа по третата година. Инвестицијата, освен во садниците, е и во заштита на растенијата и во систем за наводнување, што е многу важно за неговата вегетација.

Со оглед на тоа дека кивито е повеќегодишно растение, потребно е да се обрне посебно внимание на изборот на место за садење. Грешките што се прават за време на садењето, подоцна тешко се отстрануваат. За садење би требало да се избегнуваат места изложени на студени ветрови, кои се под сенка и недоволно проветрени. Идеална почва за садење на кивито е неутрална до умерено кисела, структурна и добро снабдена со органски материи.

mini-kivi-4

Мини-кивито, како и другите растенија од неговото семејство, е со многу силен и буен растеж, па можно е во една година израстоците да пораснат и до пет метри. Пожелно е пред садењето да се стави некоја потпора на која ќе се врзуваат израстоците. Потпората е многу важна, посебно во време кога растението е во полн род, кога добива на тежина. По садење, садницата се поткаструва за да се добие што посилно и поправилно растење на растението.

mini-kivi-3

Во фазата на зрелост плодовите многу лесно се одвојуваат од растението. Многу често можат и сами да отпаднат кога созреваат, има можност да се соберат и порано, па подоцна да созреваат соодветно складирани. Приносот зависи од староста на растението и од начинот на одгледување, но вообичаениот принос изнесува 25–30 килограми по стебло.

Инаку кивито е многу здраво овошје поради високото присус­тво на калиум и на витамин Ц.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top