| четврток, 6 декември 2018 |

Трите точки од насловот на колумната…

д-р Бона Лазар Бајрактарова

д-р Бона Лазар Бајрактарова, универзитетски професор

Во секојдневието, почитта и самопочитта мора да надвладеат над самољубието! Вистината над невистината, реалното над нереалното! Критизерството не може да биде замена за конструктивната, искрена и добронамерна критика. Исто, како што самозалажувањето и неискреноста пред самиот себе не се вистинскиот начин на дејствување во животот – ниту во професионалниот, ниту во политичкиот, а најмалку во приватниот живот. Човекот живее во противречност со самиот себе*. Често, наместо реален пристап кон нештата, работите ги набљудува од агол на својата самобендисаност, самољубје, понесен од чувството на надменост, самозалажувајќи се на тој начин.

Човекот живее во вечна противречност со самиот себе, лажејќи ги своите надежи со сегашните (моменталните) неволји, а своите неволји, пак, со надежта во иднината која не му припаѓа. Затоа сите негови дела носат белег на недоследности и слабости. На овој свет, само несреќата е потполна. (Оноре де Балзак)

Самољубието во комбинација со властољубието, секако, е најлошата комбинација што еден субјект може да ја има како карактеристика. Комбинација што го помрачува објективното расудување, широкиот, рационален пристап кон работите, прашањата, проблемите; нивното, разгледување и анализирање со реален, конструктивен пристап. Ваквата карактерна црта на некои јавни личности, денес актуелни опозициски „советодавци“ во ликот на разни аналитичари, новинари, професори…, е штетна и опасна! За „креативниот“ субјект, за политичкиот субјект за чијшто интерес (или штета?) работат „креативците“, но и за државата, за целото општество!

Субјектите завладеани од споменатата комбинација на карактерни нагони, преку непринципиелното дејствување – пласирање разни фалични, деструктивни идеи – си го уриваат прво сопствениот дигнитет (од сите аспекти), стекнуван низ годините на своето професионално и јавно дејствување, а му носат штета и на политичкиот субјект, на кој му „помагаат“.

Со својата манипулативно-деструктивна реторика и дејствување, таквите субјекти се обидуваат да ја девалвираат работата на државните институции, на системот (таму работат стручњаци, избирани/гласани, на чијшто професионализам никој нема право да атакува – на таков начин). Обидот за девалвација на легалните институции на државата е опасно играње со нејзиниот дигнитетот и не смее да се дозволи! Не, поради личните причини и цели на „креативните субјекти“ и поради политичките структури на кои им „помагаат“.

Систематското формирање некакви пленуми во државата беше токму поради споменатата цел! Сите тие стратегиски формирани пленуми пројавија „активности“ (манифестирани преку протести под заедничка диригентска палка, колку и да го негираа тоа) насочени кон девалвација на работата на државните институции! А, за тоа нема друга квалификација освен дека се работи за своевиден пуч!

Пленумските дејанија стартуваа со формирањето студентски пленум (добро испланиран редослед). Своите протести (во кои во почетокот успеваа да вклучат и студенти кои и не ја разбраа суштината на таквото дејствување, па наивно влетаа во шемата) ги правеа, демек, по угледот на тие на студентите во странство! Ама, причините за (студентски) протести тука и таму се дијаметрално различни! „Нашиот“ студентски пленум (го заобиколи легитимното студентско раководство во државата!) ги почна своите активности со противење на најавата за воведување државен испит (во телефонска анкета и јас бев прашана – дали студентите сакаат да полагаат државен испит; одговорот е познат однапред, ако ги прашуваме студентите, зар не?!), како форма во високообразовниот систем за проверка на квалитетот – неприкосновено право на државата да знае со каков квалитет на знаење/стручњаци ќе располага утре! Почнаа со едно, а ги проширија своите ултимативни барања за нешта што немаат ништо заедничко со реалната едукација, со пропишаните права и слободи на универзитетскиот живот!

Дека беа под раководство на одредена политичка режисерска палка се покажа преку вокабуларот што го користеа! Беше добро смислен, но не беше студентски! Зборуваа(т) – образованието било сведено на помнење, ама така, всушност, беше пред многу години кога училиштата немаа најобични нагледни средства, да не зборуваме за видеобим, за компјутер…, а исклучително ретки беа и факултетите што ги поседуваа и користеа при изведувањето на наставата! Никогаш не било вложено во образованието повеќе отколку во последната декада*! А, за другото – слабите страни на високото образование или кој било степен на образование – прашањето се упатува до академците или до оние подолу, но не до државата!

Comment is free…but facts are sacred (CP Scott, 1921 Guardian editor). Коментарот е бесплатен … но фактите се свети!

Странските студенти, чиишто протести (во Франција, Англија и многу други побогати земји) често беа/се прекинувани и со полициски активности, водени шмркови… протестираат, ги окупираат универзитетите, ама не поради воведени испити (за тоа никој не ги прашува!), туку поради барања поврзани со високата партиципација за студирање (школарина поради која се задолжуваат, па професионалниот живот и воопшто живеачката ја почнуваат со долгови – така велат тие!) или протестираат за некои виши, космополитски цели!

Во целата студентско-пленумска рашомонијада само еден (опозициски?) универзитетски професор, со една реченица, коректно ја искажа вистината за нашите студентски протести. Индиректно, преку обраќањето кон професорите (универзитетски).

Сега кога политичката криза во Македонија ја проголта кризата на универзитетот и се заканува да прерасне во тотална општествена криза, време е професорите да ги стават под контрола изливите на восхит кон студентите и нивната бунтовност и да почнат да си поставуваат малку посложени прашања. На пример: ако повеќето од нив посетиле универзитети на Запад, а некои од нив и предавале таму, зошто немаме успешно високо образование? Поставувајќи си ги овие прашања, заклучувам дека и досега нам, професорите никој не ни бранел да дебатираме и да наоѓаме решенија за унапредување на образовниот процес според западните стандарди, како што на политичарите никој не им пречел да ја унапредуваат демократијата (Д.М., 23 февруари 2015, Плусинфо).

За потсетување. Некои ја глорифицираа „храброста“ на студентите што излегле на улица, што ја бојкотираа наставата, а притоа забораваа дека на тој начин беше повредено правото на нивните колеги-студенти, нивни неистомисленици, за непречено следење на наставата!

По студентскиот, следуваше формирање професорски пленум(?!) Дел од професорите му дадоа поддршка на студентскиот пленум, но протестираа и поради личното незадоволство (можеа да го изразат и на друг начин!) од некои решенија во новопредложениот ЗВО. Со време, „забелешките“ кон високообразовниот систем ги прошируваа. Моите ставови за таквите протести беа речиси идентични со изнесените ставови (и прашања) од цитираниот професор! Со години никој ниту поставуваше прашања ниту нешто преземаше за унапредување на високото образование (доколку сметаа дека е потребно), што е суштинска, автономна задача на професорите (идеи, предлози, постапки, осовременување на наставните програми, предавања, проверка на знаењата, испитни критериуми), факултетите, универзитетите. Сите, едноставно, уживаа во својата комоција и во престижната титула!

По сличен терк се формираа средношколски пленум и наставнички пленум – сите со иста цел – правење неред во државата! Протести заради (пленумски) континуитет! Според мене, со многу нереални образложенија. Без чувство на одговорност, и професорите и наставниците поддржаа неодговорен однос кон учењето и кон знаењето, анархично однесување: организирале алтернативни предавања??? (кој им бранеше да ги организираат и досега, како посебна форма на збогатување на фондот на знаења?), забави, дружби со свирка во училишните простории или универзитетски аули?! Сето тоа наместо конструктивен приод, пред сè, од наставниците/професорите. Можеа да делуваат рационално, да излезеа со добронамерни забелешки за, на пример формулација на испитни прашања, несоодветни прашања, технички проблеми или какви било недоследности доколку ги имало, но не и против тестирањето, против математиката; еден од базичните предмети во школството беше првичниот повод за старт на средношколските протести!

Кога и каде во светот студентите или учениците диктираат/кажуваат како ќе биде организирана наставата, што ќе опфаќаат наставните програми, како ќе се врши проверката на знаењата?

Мора да разбереме дека – државите не ги раководат ПЛЕНУМИ! (Нешто како ЦКСК…?) А, „нашиве“ токму тоа сакаа(т) да го наметнат во државата зашто својот вокабулар, сите пленумци, дури и средношколците, толку го усовршуваа низ своите „коминикеа“ што добија чист политички призвук. Политички ултиматуми! Насилство врз сопствената држава!

Дали со хаосот што го предизвикуваа(т)аа во државата и создавањето погодно тло за непријателски активности насочени против нашата земја (актуелно – во Гошинце, пред тоа други атакувања), ПЛЕНУМЦИТЕ и нивните поддржувачи можат да се гордеат? Свесни ли се за последиците од нивното не докрај обмислено однесување? Во историјата на македонската држава и народ не верувам дека ќе влезат како прогресивци. Напротив! Во констатацијата на цитираниот (но и на други професори), за жал, се наоѓа суштината, искривената вистина на актуелната студентска/професорска пленумска приказна.

Затоа, трите точки од насловот на колумната кажуваат многу…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top