| четврток, 6 декември 2018 |

Легитимациска криза

Тимчо Муцунски

Тимчо Муцунски, докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Во 1973 година Германецот Јурген Хабермас го има претставено теоретскиот поим легитимациска криза. Според него, оваа форма на политичка криза претпоставува намалена доверба во институциите и нивното лидерство. Патем, иако во досегашните јавни дебати овој термин речиси не е искористен, опозицијата во Република Македонија токму во контекст на актуелната политичка состојба во земјата постојано се обидува да алудира на неговото постоење.0

Несомнено е дека во Република Македонија, поради бојкотот на учеството на опозицијата во Собранието, постои парламентарна криза, но тоа автоматски не може да се толкува како легитимациска криза бидејќи реално не е спорен легитимитетот на ниту една институција. Најголема потврда за ова тврдење се добива од фактот што странското посредништво се води преку Европскиот парламент (како сродна институција на Собранието на Република Македонија), со што Европа де факто констатира и прифаќа дека во актуелниот момент најголемиот проблем во Република Македонија е токму повеќемесечниот бојкот на опозицијата и неучество во работата на највисокиот претставнички и законодавен дом. Истовремено, јасно се изразени очекувањата на претставниците на меѓународната заедница, но и на мнозинството граѓани на нашата држава кои заеднички и едногласно упатуваат јасна порака, дека местото за дијалог и барање на најдобрите возможни решенија е токму во Собранието, аргументирајќи го со сериозната обврска на избраните пратеници активно да учествуваат во работата на институцијата која целиот свој легитимитет го црпи токму од дадената доверба на граѓаните. Во најмала рака, политички е некоректно пратениците заради свои дневно-политички потреби и калкулации да ја злоупотребува изборната волја на оние кои во моментот кога се определиле да го дадат својот глас верувале во нивната искреност, чесност, дадени ветувања и понудени изборни програми.

Во наведениот контекст и без да се навлегува во прашањето кој ја предизвика актуелната политичка криза, крајно време е да се врати непотребно нарушениот углед на Собранието, но и меѓународниот углед на државата бидејќи статус кво позицијата не само што не ни одговара на сите нас кои актуелно живееме и твориме овде, туку и на сите оние кои посакуваат да се вратат во својата татковина и на добронамерните инвеститори кои веруваат во нас и сакаат да ни помогнат во создавањето на идната современа, демократска и економски просперитетна Македонија.

Политиката на натамошното уривање на угледот на Собранието и на државата во целина, без сериозно поткрепени аргументи, во секој случај не би требало да биде посакувано идно сценарио ниту на една од инволвираните страни, кои се надеваме дека се подготвени да бараат брзо, ефикасно, квалитетно и чесно излезно решение.

Сепак, осврнувајќи се на темата легитимациска криза, пожелно е да се вратиме малку во историскиот развој на нашата земја, во времето на приватизацијата. Законот за трансформација на претпријатија со општествен капитал (познат во јавноста како Закон за приватизација) беше правниот акт кој ја даде рамката и можноста на општествените претпријатија да се трансформираат во акционерски друштва и друштва со ограничена одговорност, при што доминантна техника за спроведување на овој процес беше продажбата на претпријатија на лицата кои го преземаа управувањето со претпријатието, добивајќи ја единствената реална шанса како дел од затекнатиот менаџмент да се стекнат со контролниот пакет на акции. Во овој момент единствено што е потребно да се констатира е дека начинот на стекнување на тој контролен пакет на акции е сериозно дискутабилен и веројатно доста контроверзен.

Доколку одиме кон натамошна анализа, покрај факторот на контроверзната легислатива која го овозможи таквиот процес на приватизација и промена на сопственичката структура, слободно можеме да го извлечеме и заклучокот дека клучот на денешните проблеми околу неотвореноста на нашите трговски друштва кон нови емисии на хартии од вредност се должи и на неадекватната процена на тој општествен капитал. Потврда за наведената теза е фактот што токму при процената на општествениот капитал не беа земени предвид повеќе фактори кои ја определуваа неговата вредност, од кои ќе ги спомнам: обртот на средствата – cash flow (секако не е сеедно дали едно претпријатие ќе направи брз обрт на средствата и истовремено ќе ги оплоди да речеме за 2 или 3 месеци, или истите средства ќе ги „сврти“ за една година), позиционираноста на пазарот (како вредност на самото претпријатие и неговите шанси за успех, а кои не беа земени како импут во определување на вредноста на општествениот капитал) и правата од интелектуална и од индустриска сопственост (патентот, заштитниот знак, трговската марка, пронајдоците не беа земени предвид, а нивната вредност веројатно би ја надминало, повеќекратно вредност на општествениот капитал). Типични примери на друштва каде што овие фактори не беа земени предвид при процената беа: Алкалоид, Европа, Годел, Макпетрол, Фершпед, Металски завод „Тито“ и други.

Земајќи ги предвид сите овие проблеми, доаѓаме и до клучното прашање поврзано со институционалната структура во времето на приватизацијата. Имено, покрај процената која супстанцијално влијаеше врз определување на вредноста на општествениот капитал, не помалку важно беше и отсуството на одредени институции кои доколку постоеле во тоа време, веројатно на извесен начин ќе ја гарантирале правната заштита или правилното спроведување на приватизацијата и ќе обезбеделе барем минимум чувство на правичност во спроведувањето на процесот на приватизацијата. Потврда за тоа е фактот дека речиси сите институции од оваа сфера, како што се Македонската берза, Централниот регистар, Централниот депозитар за хартии од вредност, Комисија за хартии од вредност и некои други, беа создадени неколку години по донесувањето на Законот за трансформација на претпријатија со општествен капитал. Ова во голема мера влијаеше таа „црна дупка во институционалниот систем“ да даде можност да настане ваквата првобитна акумулација на капиталот во македонските корпорации на што во голема мера се должи и постојната концентрирана сопственичка структура во истите.

Некоректно е во овие моменти на непотребно создадена политичка криза да слушаме дебати за легитимитет на институции од одредени поединци кои во клучни моменти за нашата земја учествувале во процесот на целосна трансформација на општествениот капитал и сопственичката структура, без постоење соодветни институции кои би ја играле улогата на минимални заштитни механизми. Овде, можеби, станува збор за далеку потешка криза од легитимациска, а тоа е етичката криза.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top