Во моменталната криза во Украина голем дел од германската јавност можеби не му верува на рускиот претседател Владимир Путин, но ги прифаќа руските аргументи дека Москва се чувствува опколена и загрозена од потезите на Западот, а причина за таквата толерантност има повеќе, се наведува во анализата на германскиот Маршалов фонд.
Резултатите од неодамнешното истражување покажуваат дека германската јавност еднакво е поделена на оние кои сочувствуваат со позициите на Русија и на оние кои се против акциите на Москва, се истакнува во текстот потпишан од авторот Маркус Цинер, професор по новинарство во Берлин и соработник на фондот со седиште во Вашингтон.
Објаснувајќи ги причините за ваквото расположение на Германците кон Русите, тој потсетува дека распоредувањето на ракетите „Першинг II“ на почетокот на 80-тите години од минатиот век, со кои НАТО имаше за цел да се спротивстави на советските проектили СС-20, довело до распространување на ставовите во Германија дека Студената војна може да ескалира.
Стотина илјади луѓе протестираа тогаш барајќи НАТО да се воздржи од распоредување на ракетите. Голем дел од германската јавност беа подготвени повеќе да веруваат на уверувањата на Москва отколку на НАТО. Триесет години подоцна се чини дека историјата се повторува, констатира Цинер.
Како што објаснува авторот, германската јавност, природно стрепи ов воена ескалација на својот праг, а освен тоа, Германците немаат особено силни чувства кога станува збор за желбата на Киев за поголема автономија од Русија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.