| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто Германците се толку сочувствителни со Русите?

Russian president Putin in BerlinВо моменталната криза во Украина голем дел од германската јавност можеби не му верува на рускиот претседател Владимир Путин, но ги прифаќа руските аргументи дека Москва се чувствува опколена и загрозена од потезите на Западот, а причина за таквата толерантност има повеќе, се наведува во анализата на германскиот Маршалов фонд.

Резултатите од неодамнешното истражување покажуваат дека германската јавност еднакво е поделена на оние кои сочувствуваат со позициите на Русија и на оние кои се против акциите на Москва, се истакнува во текстот потпишан од авторот Маркус Цинер, професор по новинарство во Берлин и соработник на фондот со седиште во Вашингтон.

Објаснувајќи ги причините за ваквото расположение на Германците кон Русите, тој потсетува дека распоредувањето на ракетите „Першинг II“ на почетокот на 80-тите години од минатиот век, со кои НАТО имаше за цел да се спротивстави на советските проектили СС-20, довело до распространување на ставовите во Германија дека Студената војна може да ескалира.

Стотина илјади луѓе протестираа тогаш барајќи НАТО да се воздржи од распоредување на ракетите. Голем дел од германската јавност беа подготвени повеќе да веруваат на уверувањата на Москва отколку на НАТО. Триесет години подоцна се чини дека историјата се повторува, констатира Цинер.

Како што објаснува авторот, германската јавност, природно стрепи ов воена ескалација на својот праг, а освен тоа, Германците немаат особено силни чувства кога станува збор за желбата на Киев за поголема автономија од Русија.

– Но, тоа е само еден дел од објаснувањето, напоменува германскиот професор и додава дека другиот дел се заснова на тоа дека „фактите повеќе не се важни“.

Мислењето за украинскиот судир, во главно формирани од почетокот на 2014 година останаа непроменети, и покрај московската анекција на Крим и јасните докази кои се појавија во меѓувреме за руската поддршка на проруските сили на истокот на Украина, стои во анализата.

– Меѓу Германците преовладува мислење дека ескалацијата може да биде избегната ако ЕУ не се обидеше да ја присили Украина на потпишување на договор за приклучување во 2013 година. Со други зборови, ЕУ целосно ги занемари руските интереси со што се разгори најлошиот воен судир во Европа откако заврши студената војна, истакнува Цинер.

Тој напоменува дека Русија го крши меѓународното право и Меморандумот од Будимпешта потпишан во 1994 година со кој се гарантира територијалниот интегритет на Украина, но и нагласува дека таквите аргументи не ги задоволуваат многу Германци.

На тоа чувство, се додава во текстот, допринесува и перцепцијата дека германските медиуми невистиниот известуваат за Русија.

– ВОјната во Ирак, шпионскиот скандал со НСА и борбата околу Трансатлантското трговско и инвестициско партнерство влијаат на сликата за кризата со Русија, укажува тој.

Поддршката на канцеларката Ангела Меркел расте кога таа, според мислњето на Германците, во односите со Русија го следи германскиот или европскиот став, наместо американските совети, забележува Цинер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top