| четврток, 6 декември 2018 |

Се намалува популарноста на владата на Ципрас

ципрас3

Грчката левичарска влада губи на популарност во време кога преговорите со меѓународните кредитори се одолговлекуваат со малку надеж за решение во скоро време, покажа анкета спроведена од страна на еден грчки универзитет објавена на телевизијата „Скај“.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, студијата покажа дека рејтингот на одобрување на стратегијата на премиерот Алексис Ципрас и министерот за финансии Јанис Варуфакис падна на 45,5 отсто од импресивни 72 проценти во март, односно 39,5 отсто од 1.007 испитаници рекле дека не се согласуваат со тактиката на Владата во преговорите.

Анкетарите, исто така, им дале можност на испитаниците да ја оценат работата на Владата во клучните области од нула до десет. Така администрацијата на Сириза има оценка 4,6 во економија, тројка за имиграција, 3,7 за борбата против криминалот и безбедноста, 4,2 за образование, 5,5 за надворешна политика и одбрана, 4,5 за јавна администрација и 4,4 за здравство.

На прашањето дали сметаат дека Владата е посветена на спроведувањето на своите предизборни ветувања, 52,5 отсто одговориле со „да“ и 42 отсто „не“, а на прашањето за нивните финансиски средства за домаќинство, 35,5 отсто рекле дека очекуваат значителни промени во текот на следните 12 месеци, 26,5 отсто очекуваат работите да се влошат и 15 отсто се сигурни дека се ќе се влоши уште повеќе. Само три отсто се сигурни дека ќе има подобрување.

Анкетата исто така покажа дека поголемиот дел од Грците не сакаат да ја видат земјата надвор од еврозоната.

На прашањето како се чувствуваат во врска со можноста за т.н. „Грегзит“, 56 отсто одговориле со „страв“, во споредба со 45,5 отсто во март, а 23 отсто се изјасниле дека се рамнодушни, во споредба со 26,5 проценти од претходно. Само девет проценти рекле дека сметаат оти нема шанси да се случи тоа, во споредба со 17 отсто во март.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top