| четврток, 6 декември 2018 |

„Чолак“, нова премиера во Драмски

Утре, по повод годишнината, цената на влезницата е 69 денари, следниот ден ќе има прва реприза на претставата, а билетот ќе чини 150 денари

colak 3 (Custom)

Утре во Драмски театар во Скопје, на 69-годишнината од постоењето на тетарот, ќе се одржи премиера на новата претстава „Чолак“, работена и адаптирана по текстот на Мартин Мекдона „Приказна за човекот без рака“. Режисер на претставата е Синиша Евтимов, а во претставата играат Сашо Тасевски, Рубенс Муратовски, Филип Трајковиќ и Игор Стојчевски. Костимограф и автор на сценографијата е Илина Ангеловска.

Синиша Евтимов стана синоним за хит-претстави, а тоа се очекува и од оваа претстава. Актерите се согласуваат дека „Чолак“ е исклучително актерска претстава и главниот акцент е ставен на актерското мајсторство.

– Неколкупати сум бил близу до 100-та претстава во Драмски, ни никако да стигнам до таа бројка. Се надевам дека тоа ќе се случи со оваа претстава. Се надевам дека публиката ќе почне да се привикнува на ваков тип претстави. Овој текст се игра на „Оф-Бродвеј“, каде што филмски актери кои нам ни се познати ги толкуваат улогите – вели Сашо Тасевски, кој го толкува главниот лик во претставата.

colak (Custom)

Евтимов објасни дека во овој текст дејството се случува во дражвата Ајдахо, во еден мал град во Америка.

– Текстот на Мекдона говори за табу-теми, го покренува прашањето за расизмот и расната нетрпеливост. Во претставата текстот е адаптиран. Во оригиналниот текст ликовите Тони и Мики, всушност, се момче и девојка и момчето е црномурно. И името на претставата „Чолак“ е адаптирано, говори за невешт човек, човек без рака – објаснува Евтимов.

colak 5 (Custom)

– Мекдона е најголем жив автор во моментов и неговите претстави се играат на „Оф-Бродвеј“, сцена за алтернативни театарски проекти. Јас ги обожавам неговите дела. Ова ќе биде трета претстава во која играм, а која е направена по негов текст – рече Рубенс Муратовски, кој го толкува ликот на Мартин.

Претставата трае 90 минути, а Игор Стојчевски признава дека процесот на работа им минал многу брзо.

– Обично, од читачка проба до премиера минуваат 45-50 проби. Оваа претстава ја завршивме по 39 проби. Беше многу забавно – вели Стојчевски.

colak 9 (Custom)

Утре, по повод годишнината, цената на влезницата ќе чини 69 денари, следниот ден ќе има прва реприза на претставата, а билетот ќе чини 150 денари.

Ова е прва премиера на Драмски во 2015 година, а утре, на 21 април, ќе биде 87 претстава досега одиграна годинава, информираше Роберт Велјановски, директор на Драмски.

– До саботата, во Драмски имаше 18.699 гледачи. Во месецот на тетарот, во март точно 10.040 гледачи ги посетија претставите во театарот. Повеќе не можеше бидејќи физички беше неизводливо. Во март се одиграа неверојатни 31 претстава – рече Велјановски.

И во април цената на влезниците ќе остане намалена, 100 денари во претпродажба и 150 денари на денот на претставата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top