| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба во КИЦ по повод 15 април-Светскиот ден на уметноста

Во Културно Информативниот Центар – Скопје, во Изложбените салони – Империјал 1 и 2, среда, 15 април, во 20 часот ќе се отвори изложбата „Во слава на уметноста“ по повод Светскиот ден на уметноста, во организација на Асоцијација за култура ИКОН.

На изложбата се преставуваат 60-тина уметници со свои дела, припадници на различни генерации, со различна етничка припадност, кои со своето творештво придонесуваат во развојот на македонската ликовна уметност, како и уметници од други земји кои како гости го подржаа проектот на ИКОН.

Република Македонија по прв пат се приклучува во прославувањето на Светскиот ден на уметноста.

На XVII генерално собрание на Асоцијацијата за уметност при ИКОМ –Унеско, во Гвадалахара, Мексико на 5 април 2011 година едногласно е усвоено 15 април ( роденденот на Леонардо да Винчи ) да биде Светски ден на уметноста. Низ историјата народите воспоставувале датуми да потсетуваат на битните вредности од начите животи, денови кои се обележуваат со внимание и почит.

Воведувањето на Светскиот ден на уметноста треба да помогне на сегашните и идните генерации да ја осознаат важноста на уметноста низ вековите. Неопходно е светот да ја препознае важноста на уметноста за нашата планета и да ја истакне улогата на уметниците за нашата цивилизација.

Обележувањето на Светскиот ден на уметноста ќе даде силен потик на уметностите, во локалните заедници и ќе отвори пат на многу уметници, млади и стари, да бидат запаметени и славни на ваков ден кога целиот свет би мислел на уметноста и би дишел со неа.

Се разбира дека нема да биде лесно да се промовира овој сон и визија во светски рамки. Но, едно е сигурно, дека воспоставувањето на овој ден не може да наштети, но, може да помогне во изградбата на подобар свет. Затоа е неопходно што повеќе земји да се приклучат во обединувањето на движечката сила на духот во интерес на духовноста на своите граѓани.

Приклучувањето на Република Македонија кон Светскиот ден на уметноста во овој момент по наше мислење е неопходно, живееме во поделено општество на наши и ваши граѓани, разединети поради партиска припадност, согласно нивната вероисповест или етничка припадност, затоа уметноста ни е неопходна, УМЕТНОСТА МОЖЕ, да го изрази заедничкиот стремеж на сите луѓе кон убавото и возвишеното, зато што уметноста е мост за премостување на бездните на недоразбирањата, алка на спојување на разликите и различностите во заедништво сватено како ослободување, а не како заробување на човековиот дух и личност.

Таа не води кон заеднички идеал, визија и вредности. Уметниците тоа го докажуваат на најдобар начин – со дела полни со енергија, со убавина и радост.

Кон чествувањето на овој ден со свои дела за оваа изложба се приклучија: Родољуб Анастасов, Илија Аџиевски, Решат Амети, Сергеј Андреески, Агрон Абдули, Милан Андов, Илина Арсова, Дејан Арсовски, Жарко Башески, Ибрахим Беди, Невзат Бејтули – Кица, Нехат Беќири, Трајче Блажевски, Атанас Ботев, Гоце Божурски, Жанета Гелевска-Велјановска, Владимир Георгиевски, Ставре Димитров-Стадим, Слободан Живковски-Цобе, Дејан Иванив-Маргуш, Цветанка Јованова, Симонида Филипова-Китановска, Павле Кузманоски, Билгаип Кочишта-Биге, Росица Лазеска, Димитар Малиданов, Мирослав Масин, Мифтар Мемети, Доне Милјановски, Јовица Мијалковиќ, Вук Митевски, Срѓан Миќиќ, Томе Мишев, Касиопеја Наумовска, Данчо Ордев, Борис Петров, Петар Попчев, Исмет Рамичевиќ, Маријета Сидовски, Анета Ивановска-Симјановска, Илија Спасовски-Чендо, Сафет Спахиу, Тања Таневска, Денис Тенев, Новица Трајковски, Дијана Томиќ-Радевска, Микица Трујкановиќ, Ангел Чауш, Ѓорѓи Чулаковски-Ѓото, Стефан Хаџи-Николов, Феким Хусковиќ, Симон Шемов, Емил Шулајковски, Тони Шулајковски и Јован Шумковски.

Како гости кон проектот се придружија: Омер Калеши, Бернхард Холеман, Лиз Баерлајн, Тураја ал Баксами, Вели Блакчори и Паоло Чампини.

Изложбата ја прати репрезентативен каталог отпечатен со помош на Општина Центар. Во каталогот воведот е на Климе Коробар, претседател на ИКОН, а свои текстови имаат: Андреј Жерновски, Градоначалник на Општина Центар, Ферид Мухиќ и Ефтим Клетников, дизајнот е на Александар Прилепчански и Марија Коробар.

Изложбата ќе биде отворена до 30 април, годнава.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top