Македонија е пред голем предизвик, да се изненади силната фудбалска репрезентација на Белгија, која без пораз е лидер на табелата во групата А, од квалификациите за мундијалот во Бразил во 2014 година. Копјата ќе се кршат вечерва од 20.45 часот на нашата арена „Филип Втори“ во Скопје.
– Македонија има белгиски шарм и тоа дава дополнителна убавина на натпреварот. Ги познаваме и селекторот Јаневски и фудбалерите Тричковски, Пачоски и Трајковски, кои играат кај нас во белгиското првенство. Сепак, најголема ѕвезда во тимот е Горан Пандев и тој ќе биде главна закана за нас. Веруваме во победа бидејќи ние сме посилни – велат белгиските навивачи, кои допатуваа во Скопје за да ги бодрат своите миленици.
Ги има околу 500, но тоа е минорна бројка, во однос на околу 30 илјади домашни навивачи. Пандев и соиграчите, веројатно, ќе имаат громогласна поддршка, што може многу да значи. Фудбалерот на Наполи верува дека Македонија има сили и квалитет да изненади иако истакна дека Белгија е фаворит.
– Ќе треба многу трчање, залагање и тимска игра за да забележиме добар резултат. Белгија е фаворит, имаат многу талентирани играчи во составот, но со поддршка на публиката можеме да се избориме за успех – вели Пандев.
Кога тој игра добро, тогаш за Македонија е многу полесно, а тоа се потврди и во овие квалификации. Нашиот капитен беше одличен против Хрватите во Загреб, каде што го надигравме фаворитот, но среќата ни го сврте грбот, па загубивме со 0-1. Потоа, и во Глазгов капитенски го предводеше нашиот состав, а заслуживме и повеќе од ремито, 1-1. Но, ние имаме уште адути, кои и во мечот со Србија покажаа дека и без Пандев можеме до победа. Агим Ибраими е во суперформа и тој заедно со Тричковски и со Пандев е триото од кого најмногу очекуваме. Во одбраната ќе командува Николче Новески, кој ќе има задача, заедно со Грнчаров, да го сопрат Кристијан Бентеке. На бековските позиции Тодоровски и Лазевски ќе бидат важни алки за успех на Македонија. Тие ќе треба да помогнат во нападот, а патем и да ги затворат опасните крила на Белгија, Азар, Де Брујн или Мертенс.
Шанса за Македонија е неиграњето на Винсент Компани, кој е повреден. Стоперот од Манчестер сити игра во извонредна форма, одличен е во дефанзивните задачи, но и во офанзивата. Со Бентеке, тој е прв стрелец на Белгија и даде 2 гола во овие квалификации. Место него, ќе игра Даниел ван Бајтен, 35-годишниот стопер на Баерн Минхен. Токму тој и лошата форма на Томас Фермален, со кого ќе играат во тандем, е шанса да ги пробиеме Белгијците.
– Имаме проблем во одбраната и тоа е главната опасноста за Белгија во Скопје. Ван Бајтен е во лоша форма, а и Фермален во последно време прави многу грешки. Стоперите ни се Ахилова петица во составот – велат колегите од Белгија.
Марк Вилмотс има дилема кој да игра во нападот. Дали Кристијан Бентеке или Ромелу Лукаку? Или и двајцата, комбинација која не ја практикува Вилмотс. Тој сака Белгија да настапува во формација со еден напаѓач и две крила, што за „црвените ѓаволи“ досега се покажа како добитна варијанта. Имаат екстра-квалитетни играчи, кои на пазарот вредат околу 300 милиони евра, но не се непобедливи.
Можни состави, Македонија (4-2-3-1): Пачоски – Тодоровски, Грнчаров, Новески, Лазевски – Демири, Хасани – Ибраими, Пандев, Тричковски – Јаховиќ. Селектор: Чеде Јаневски
Белгија (4-1-4-1): Куртоа – Алдервирлд, Фермален, Ван Бајтен, Фертонген – Фелаини (Дефур) – Азар, Витсел, Дембеле, Мертенс (Чадли) – Бентеке (Лукаку). Селектор: Марк Вилмотс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.