Во пресрет на најважниот натпревар на РК Вардар во Лигата на шампионите оваа сезона, четврт-финалниот дуел на домашен терен против Кјелце, капитенот на екипата Филип Лазаров истакна дека сите до еден во составот знаат со каков противник се среќаваат во Скопје. Целта која си ја поставија ракометарите на Вардар за оваа сезона е пласман на завршниоттурнир. Минатата година стигнаа чекор до завршниот турнир во Келн, но затоа оваа година имаат шанса да го направат најголемиот успех во машкиот ракомет во Македонија.
– Пред почетокот на оваа сезона си поставивме цел да се пласираме на фајнлфорот во Келн. Знаеме колку е тешко тоа против Кјелце, екипа која според мене е во топ 3 екипи во Европа заедно со Барселона и Кил во моментов. Ние сме сконцетрирани на нашата игра и за да излеземе како победници од овој четврт-финален дуел мора да се надминеме себеси и да одиграме најдобра партија оваа сезона, затоа што ова е најважниот натпревар – изјави Филип Лазаров
Поради големиот интерес за билет повеќе за натпреварот в сабота во СЦ „Јане Сандански“, Лазаров ги повика сите што не успеаја да набават карта за натпревар, да дојдат пред платото на салата и заедно да ги проследат двата меча од Лигата на шампионите на женската екипа на Вардар против Ѓер која почнува од 16.30 часот и машката која е на програмата од 19 часот.
-Би сакал да ги повикам сите наши фанови кои не дојдоа до билет, и да имавме сала од 15.000 седишта сигурно ќе беше исполнета, да дојдат до салата и да го гледаат мечот на видеобим. Претходно играат и нашите колешки од ЖРК Вардар, па се надеваме на фантастичен ден за ракометниот колектив Вардар – додаде Лазаров.
Тренерот на Вардар, шпанскиот стратег Раул Гонзалес, кој влезе во потесен круг на европски тренери за тренер на годината оваа сезона во Лигата на шампионите потсети дека Вардар и минатата година се пласираше во четврт-финалето, но не го направи последниот исчекор кон четирите најдобри екипи во Европа.
– Ова е последна домашна средба од Лигата на шампионите, воедно и најважна за нас ако сакаме да стигнеме до зацртаната цел. Кјелце е многу опасна екипа и е фантастично подготвена на сите позиции. Би сакал да играме како што игравме против Висла бидејќи двете екипи играат сличен ракомет. Кјелце има цврста и гранитна одбрана со високи играчи, брзи крила кои лесно постигнуваат голови, и го имаат можеби најслиниот пивот во Европа, Агинагалде, но секој меч е различен и текот на натпревар ќе зависи само од нас. Се надевам дека по натпреварот сите ќе славиме – изјави Раул Гонзалес.
Натпреварот почува во 19 часот во СЦ „Јане Сандански“, а сите симпатизери на Вардар и вљубеници на ракометот во Скопје кои не успеја да дојдат до билет за мечот, двата натпревари од Лигата на шампионите, оној на ЖРК Вардар во Ѓер и на Вардар со Кјелце ќе можат да го проследат на видеобим пред платото на салата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.