За разлика од црешата, има покисел плод и најчесто се употребува во прехранбено-преработувачката индустрија. Со воведувањето на самооплодните сорти, особено облачинската, забележливо е сѐ поинтензивното одгледување на вишната со цел да се добие суровина за широк спектар економски исплатливи производи како што се сок, џем, компот, јогурт, ароматизирано млеко, бонбони, ликери, ракија и друго. Особено треба да се нагласи дека вишната е извозноориентирана култура, пред сѐ, на западниот пазар, кој има многу големи капацитети за преработка, а со самото тоа и неопходност за обезбедување постојан дотур на суровина.
Вишната е овошка со релативно скромни барања во однос на одгледувањето. Се одликува со поскромни барања кон еколошките услови во споредба со потребите на другите овошни видови. Ако се земат предвид нејзините биолошки својства (рано и редовно раѓање) и релативно изразената отпорност на болестите и штетниците што ја напаѓаат, оваа овошка е економски многу значајна. Луѓето сѐ повеќе се заинтересирани за нејзино одгледување бидејќи со неа се остваруваат значајни економски ефекти.
Водечки сорти погодни за подигање производствени насади се:
Облачинка
Се одликува со слаба бујност на крошната, но рана, редовна и висока родност. Плодовите се одликуваат со добар технолошки квалитет и се подобни за преработка во најразновидни производи. Облачинката има ситни до среднокрупни плодови (2,8-4 г), тркалезни, интензивно темноцрвени, слаткокисели и со карактеристичен, црвено обоен сок (според испитувањата, со најголем процент на боени материи во споредба со сите други сорти вишна). Зрее воедначено и тоа во третата декада на јуни. Има просечен принос од 15 тони по хектар.
Рекселе
Зрее во втората половина на јуни. Самооплодна сорта, иако со опрашување со други сорти дава поквалитетни и покрупни плодови. Плодот е средно крупен, со топчесто срцевидна форма. Лушпата е тенка, сјајна, со темноцрвена боја. Има квалитетно месо на плодот со киселкаст и ароматичен вкус.
Хајманова конзерва
Зрее кон крајот на јуни. Самооплодна сорта, која рано раѓа плод и има добра родност. Отпорна е на суша, а е чувствителна на дамки на листот и на монилија. Има средно крупен плод со широко топчеста форма и темноцрвена боја на лушпата, месото и на сокот. Месото е квалитетно, кисело и ароматично.
Келерис 14
Данска сорта, која созрева во почетокот на јули. Отпорна е на повеќе болести што ја напаѓаат вишната. Изразито самооплодна сорта, која раѓа редовно и обилно. Плодот е средно крупен, со темноцрвена лушпа. Месото е со слатко-киселкаст и ароматичен вкус. „Коската“ лесно се одвојува од месестиот дел. Може да се користи како трпезна и како индустриска сорта.
Шумадинка
Зрее во првата декада на јули. Сортата е слабо бујна, самооплодна е и релативно отпорна на суша и на ниска температура. Плодот е крупен, со срцеста форма и со темноцрвена боја на лушпата. Месото и сокот се темноцрвени. Плодот е слабо издржлив при транспортирање и при механизирана берба се оштетува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Агенција за финансиска поддршка на земјоделството: Ако не ги искористевме парите ќе ни беа одземени од ЕУ
-
Праските скапуваат, министерот се весели: Николовски глув за проблемите на земјоделците, прв за виолина на уво (ФОТО)
-
Министерство за земјоделство: Субвенциите се исплаќаат редовно и целосно
-
УХМР: Временските услови погодни за земјоделски активности