Предметот од римско време, пронајден пред триесетина години кај дебарското село Селокуќи, е осигурен на 150.000 евра, а конзервацијата ќе ja плати Kонзерваторскиот институт од Мајнц, пишува „Дневник“.
Стаклената чаша позната како „дијатрета“, една од десетината пронајдени во светот, а која со години беше во депото на Музејот на Македонија, минатата недела замина на конзервација во Мајнц, Германија. Предметот од римско време ќе биде еден од најатрактивните експонати во новиот Археолошки музеј на Македонија. Реткиот предмет, пронајден пред триесетина години на локалитетот Таранеш, кај дебарското село Селокуќи, е осигурен на 150.000 евра. Kонзервацијата, сите анализи и осигурувањето ги плаќа домаќинот – Kонзерваторскиот институт од Мајнц.
– Процесот почна. Сега се прават истражувањата, хемиски се анализира секое парче поединечно. Потоа ќе се конзервира и за 5-6 месеци треба да ја добиеме назад. „Дијатретата“ е многу редок експонат, има само неколку во светот. Минатата недела дојде конзерватор за стакло од Мајнц – вели Перо Јосифовски, директор на Музејот на Македонија.
Чашите „дијатрета“ се поделени во два вида – со мрежест дел и со фигурален украс. Нашата е од келнски тип, кој е најбогато декориран. Археологот Мила Шурбаноска опишува дека е изработена од белузлаво злато, а има основа на пехар. Основата ѝ е во форма на шестлисна розета. Во долниот дел, околу основата, има мрежест дел, изработен од малахитно-зелено стакло. Според Шурбаноска, на врвот има чешлести орнаменти, кои завршуваат со кафено-умбра стакло, на кое е испишан натпис со букви од зелено стакло.
Пред една деценија случајот „дијатрета“ се актуализира откако холандски конзерватори дојдоа на неколкудневна работилница во нашата земја. Одушевени од предметот, тие коментираа дека малку експерти би прифатиле да ја конзервираат чашата. Еден од нив, кој работел со многу стаклени предмети, рече дека ова е „преголем залак“ дури и за него.
„Дијатретата“, еден од најубавите артефакти во Македонија, кој никогаш не бил изложен пред јавноста, го пронајде пред триесетина години денес починатиот археолог Милан Ивановски.
При посетата на холандските конзерватори тој за „Дневник“ детаљно раскажа како го откриле гробот, каде што ја пронашле чашата – го пронашол сопственикот на земјиштето. Додека копал, „дијатретата“ била неоштетена. Додека ја чистел земјата од еден предмет, видел дека во рацете држи череп, се уплашил и го фрлил во гробот, па ја искршил и стаклената чаша.
Археолозите се обиделе да ја реконструираат чашата. Го исцртале моделот и го однеле во тогашна „Стакларница“. Вработените не можеле да ја реконструираат, па викнале стари, пензионирани стаклари. Тие се чуделе на предметот и велеле дека тоа „човек не го направил“.
Според Ивановски, во римскиот период скапи предмети биле изработувани само по нарачка. Тој претпоставуваше дека нашата „дијатрета“ била изработена во Базел.
Ивановски сметаше дека во светот се пронајдени вкупно 21 чаша, а две од нив близу Македонија, во Дарувар, Хрватска и во муниципиумот „Kомини С“, кај Дукља, Црна Гора.
Наш конзерватор на 7 април ќе замине во Мајнц каде што три недели ќе го следи процесот на конзервација на „дијатретата“ и ќе специјализира.
– Нашите конзерватори работат претежно со керамика, немаме специјалист за стакло. Секогаш сакам локално да ги решаваме нештата, но ова не е предмет со кој треба да се експериментира. Мајнц е најдобриот центар во Европа заедно со Минхен. Благодарен сум што прифатија да ги поднесат сите трошоци. Тоа е предмет на кој секој конзерватор во светот сонува да работи, но сумите не се мали. Инсистирав на максимална сума за осигурување од 150.000 евра – вели Јосифовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Предавање „Ритамот и звукот на Африка“ во Музеј на Македонија
-
„Африканскиот колонијализам и воајеризам: разликата како спектакл“ – предавање на Илина Јакимовска во Музеј на Македонија
-
Модна ревија во Музеј на Македонија „Made in Macedonia: Почетоци и еволуција“
-
Отворање на изложбата „Духовите на Африка – Ритуална западноафриканска уметност“