Промовирана книгата „Политика, култура, идентитет (интеркултурен дијалог)“ на хрватскиот амбасадор во Македонија, Златко Крамариќ и Ангелина Бановиќ – Марковска, од Факултетот „Блаже Конески“ од Скопје.
Темата за идентитетот и нацијата како вечно актуелна тема е обработена во книгата на двајца македонисти – хрватскиот амбасадор во Македонија, Златко Крамариќ и Ангелина Бановиќ – Марковска, а деновиве во Хрватска ја доживеа својата промоција. Пред многубројни угледни личности, меѓу кои беше и помошникот на министерката за надворешни и европски работи на РХ, м-р Небојша Кохаровиќ и претставници од македонската заедница, делото на двајцата автори беше промовирано во издавачката куќа „Школска книга“ во Загреб.
Книгата, всушност, претставува еден вид интеркултурален дијалог меѓу авторите за теоријата на нацијата и на идентитетот. „Свесни за проблемот на улогата на културната пракса во изградбата на националниот идентитет, авторите не запознаваат со актуелните теориски увиди и со нив воспоставуваат критички дијалог“, беше истакнато, меѓу другото, на загрепското претставување на книгата.
Дека ова дело обработува актуелни теми, особено во денешно време за Република Македонија, посочи советникот од македонската амбасада во Загреб, Петар Чулев, кој истакна дека релациите меѓу Македонија и Грција наведени во книгата и проблемите кои произлегуваат од ирационалниот и апсурден спор се компарираат со драмата „Ромео и Јулија“ и нивниот несреќен крај. Искрено посакувам, оваа наша модерна приказна да заврши со „хепиенд“, посочи тој.
Честитајќи им на авторите што допреле една многу чувствителна материја која отвара и поставува осетливи дилеми, а идентитетот на секоја нација, несомнено спаѓа во оваа категорија, Чулев ја посочи храброста на авторите да пишуваат за магичниот круг кој ги поврзува политиката, културата и идентитетот, а водено да се обидат и да дадат издржани одговори, однапред знаејќи за сите предизвици и замки кои демнат отстрана.
Инаку, Златко Крамариќ, кој е и професор по теорија на книжевност, веќе подолго време се занимава со прашањето за идентитетот кое го обработил и во други свои книги. Тој смета дека сите имаат проблем со идентитетот.„Секогаш постојат некои кои сакаат да ги контролираат туѓите идентитети и на било кој начин да ве стеснуваат“, додава тој.
Ангелина Бановиќ-Марковска, доктор по филолошки науки и вонреден професор на Факултетот „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Книгата „Политика, култура, идентитет (интеркултурен дијалог)“ печатена е како универзитетски учебник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.