Во неврзаните муабети со „стручњаци-аматери“ најчеста сугестија е кога се прават важни разговори да се исклучи телефонот и да се извади батеријата. Потоа, меѓу граѓаните почнаа да се вртат бројки со по 10 цифри, кои кога ќе се запишеа на мобилниот телефон даваа нови бројки, кои „сигурно“ откриваа дали сте прислушувани. Дефинирањето на секој шум или ехо предизвикано од мобилните оператори или лошиот квалитет на телефоните како сигурен знак дека сте цел на безбедносните институции од земјата и од светот веќе стана урбана легенда во која многумина почнаа искрено да веруваат. Користењето на некои стари модели на „Нокија“ и на „Сименс“, кои беа актуелни во последните години на минатиот век, за некого сѐ уште е најпараноичниот, а за други најпрактичниот метод за заштита од прислушување.
Вистината е некаде на средина. Развојот на технологијата придонесе можноста за прислушување да стане пристапна не само за разузнавачките агенции туку и за индивидуалци, кои добро го познаваат компјутерскиот софтвер, особено тој што се користи кај мобилните телефони. Одбраната од вакви напади, пред сѐ, зависи од начинот на кој ги користите придобивките на современиот начин на живеење ако сте обичен човек или од одбранбените механизми под контрола на владите ако сте политичар иако примерот со информациите за прислушување на телефонот на германската канцеларка Ангела Меркел покажа дека ништо не може да ги запре суперсилите што сакаат на нелегален начин да дојдат до информации. Последната афера со израелското прислушување на американски цели и дистрибуирањето на информациите до Конгресот на САД, чиишто членови ги користеле во политички цели, покажува дека, практично, никој не е заштитен од илегално следење.
Се разбира, колку што сте повисоко во хиерархијата, можете повеќе да се надевате дека сте безбеден. Првите луѓе во некои од водечките земји на светот имаат различни начини за заштита. Американскиот претседател Обама, на пример, е присилен да користи телефон од марката „блекбери“ затоа што се смета дека производителот на овој вид телефони, инаку канадска компанија, која има свои сервери на Исланд, преку кои оди 124-битна криптирана мобилна врска, е најбезбедниот телефон на светот. Се разбира, не е само линијата, моделот што го користи Обама е посебно опремен, а таков користат и други светски лидери. Во Македонија еден од ретките политичари што користи „блекбери“ е претседателот Иванов, кој ретко можете да го видите како разговара на него. Со оглед на буџетот на шефот на државата, најверојатно, тој не користи некој од специјално изработените модели, кои чинат и по десетици илјади евра, но и сериските модели, особено ако се користат пораките преку сервисот ББМ, се меѓу најбезбедните во оваа категорија. „Блекберито“ на Обама, кое е посебно опремено од страна на Американската безбедносна агенција, сѐ уште е во предност како претседателски модел во однос на други телефони од компаниите „Самсунг“, „Епл“ и„ ЛГ“, кои се испитуваат од тајните служби иако канадскиот производител на „блекбери“ се соочуваше со годишна загуба од речиси пет милијарди евра.
Германската канцеларка Меркел го имаше најпознатиот политички телефон на светот благодарение на аферата со евентуалното прислушување од страна на САД. Меркел користи телефон од марката „нокија слајд“ за партиски работи, додека за државнички разговори го користи веќе прославениот „блекбери Зет 10“, кој има специјален чип за енкрипција произведен од компанијата „Секусмарт“ од Дизелдорф. Производителот тврди дека овој телефон не може да биде пробиен и покрај тоа што дел од медиумите објавија дека разговорите на Меркел биле слушани во Вашингтон.
За разлика од Обама и од Меркел, рускиот претседател тврди дека не користи мобилен телефон. Тој, според една изјава од 2006 година, вели дека има многу телефони, но дека сака да ги користи старите методи на комуникација. Путин во 2010 година изјави дека нема телефон затоа што постојано ќе ѕвонел. Секако, тој никогаш нема да каже дека не користи мобилен затоа што, како и неговите колеги, се плаши од прислушување. Рускиот премиер Медведев е голем љубител на „Епл“ и досега променил неколку модели на „ајфон“, но тој не ги користи за службена комуникација. Медведев беше еден од првите сопственици на „ајфон 4“, кој го доби како подарок од Стив Џобс.
И францускиот претседател Оланд е љубител на „ајфон“, по моделот број пет сега првиот човек на петтата република има нова „шестка“, но ја користи само за љубовни пораки кон неговата пријателка Жули Гајет. Неговиот кабинет тврди дека за службени работи Оланд користи други, посигурни средства за комуникација.
Претходникот на Оланд, контроверзниот Саркози, кој повторно се враќа на голема врата во француската политика, според анализата на весникот „Гардијан“, бил зависник од „блекбери“, имал неколку различни модели и, веројатно, затоа го отфрлил службениот ултрабезбеден телефон од моделот „теорем“ затоа што за да сврти еден број требало да чека половина минута.
Дел од сугестиите што стручњаците за кибернетски тероризам им го даваат на своите шефови е да не зборуваат многу по телефон, да ги менуваат почесто шифрите на својата електронска пошта и, пред сѐ, да не пренесуваат чувствителни пораки преку телефоните. Ова е особено важно кога се на пат во странство. Истите сугестии важат и за обичните луѓе.
Ким Јонг Ун сака ХТЦ
Младиот лидер на Северна Кореја, покрај играњето со копчињата од атомските бомби, е голем љубител на мобилни телефони и на други уреди. Фотографија снимена на состанок на националниот совет за безбедност откри дека Ким Јонг Ун користи телефон на тајванската компанија ХТЦ. Во земјата со 25 милиони граѓани, во која нецели 10 проценти имаат мобилен телефон, речиси сите апарати се кинеско производство, но ребрендирани во Северна Кореја. Само малкумина можат да си дозволат странски марки како „ајфон“ и „самсунг“. Речиси никој не може да добие интернет на мобилниот телефон затоа што, генерално, интернетот е забранет во оваа земја, која има своја внатрешна мрежа слична на интернет. Со тоа за огромен процент се намалени шансите некој преку модерните дигитални врски да дојде до важни информации од кабинетот на лидерот или од други важни постројки во најзатворената земја на светот.
(Текст објавен во 134. број на неделникот Република, 27.03.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.