Пораката на британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет, во која вели дека барањето за нова влада треба да биде тема на разговор меѓу власта и опозицијата, дополнително ги засили шпекулациите во јавноста во врска со неговата вмешаност во „Пуч“, односно дека тој е фамозниот амбасадор од писмото на Заев, кој помагал во „изработката на бомбите“. Неговата (не)случајна изјава се надоврзува на пишувањата во дел од медиумите за негова неодамнешна средба со новинари блиски на опозицијата каде што им говорел дека во никој случај не треба да се дозволи институционална разрешница на „Пуч“ и дека треба да се инсистира исклучително на политички договор.
По овие информации дел од граѓаните во Гарет веќе го препознаа партнерот на Заев, а неговата реакција ја протолкуваа како обид да се зголеми притисокот врз власта за исполнување на барањата на лидерот на опозицијата. Во прилог на овие шпекулации оди и фактот што амбасадорот без проблем зборуваше за бомбите, но во ниту еден момент не ги спомена обвинувањата за вмешаност на странски служби.
Дали, навистина, амбасадорот Гарет е човекот што му помагал на Заев „од горе“ и дали Лондон била дестинацијата каде што требало да замине Верушевски со новиот автомобил подарен од лидерот на СДСМ, засега не знаеме и би било многу погрешно ако предвреме се пуштиме во донесување таков заклучок без да видиме доволно силни докази што ќе го докажат тоа. Информациите за средбата со новинарите и изјавата на дипломатот може да значат многу во правец на реализација на сценариото на странската служба, но може и да немаат никаква заднинска врска со случајот.
Мора да бидеме свесни дека пласирањето тези за негова вмешаност во „Пуч“ без цврсти докази е многу опасна игра, која само може повеќе да ја влоши состојбата во државата и да ги нарушат односите со земјата што ја претставува.
Но, токму лицитирањето со имиња на амбасадори како можни соработници на Заев е само аргумент повеќе дека е од исклучителна важност случајот „Пуч“ да добие правна разрешница во која ќе се открие вистинскиот странски соработник на лидерот на опозицијата. Од тие причини, и обвинителството има голема и тешка обврска случајот да го поткрепи со силни и несоборливи докази, кои директно ќе ги посочат надворешните соработници. Притоа, обвинителството нема право на грешка за да не остави простор за натамошни шпекулации и манипулации.
Доколку целиот случај се затвори со политички договор, на што инсистираат Заев и медиумите на Сорос, случајот ќе се заметка, а јавноста никогаш нема да ја дознае целата вистина, на која има неприкосновено право.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.