| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто СДСМ го објави идентитетот на офицерот од израелската одбрана?

zaev-brankoooДали со објавувањето детали од набавката на опрема за специјалните сили на Министерството за внатрешни работи лидерот на СДСМ Зоран Заев не го почна зацртаното од октомври кога првпат ги спомена бомбите со кои ќе го симне Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ од власт – дека не само што Груевски ќе си даде оставка туку дека и информациите што тој ќе ги презентира ќе го нарушат и угледот на државата, а може да имаат последици и врз нејзината безбедност? Настрана што всушност докажуваат или не објавените телефонски разговори на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, самото објавување на странскиот посредник – вработен во Министерството за одбрана на една од најчувствителните во овој сектор држави – Израел, во делот набавка на безбедносна опрема, кои по дефиниција се тајни, е нарушување и на внатрешната безбедност, работа против интересите на државата, но и загрозување на односите на државата со еден од нејзините најстратешки партнери, пишува Дневник.

Идентитетот на Израелецот не само што не беше заштитен од телефонските разговори кои завчера беа пуштени на прес-конфернецијата на „Павел Шатев“, дури и самиот Заев свесно отиде еден чекор потаму објавувајќи детали за него, пишува весникот.

Додека на една страна во РМ се внимава да не се објави никаков детаљ, дури ни за припадник на единицата „Алфа“, кој гони возач кој минал на црвено светло, на друга се објавува слика, име презиме и други поединости на човек чија безбедност по ова може да биде загрозена. Настрана што овие податоци СДСМ секако не ги добил со прислушување, а уште помалку од Груевски или Мијалков. Kому тогаш му е од интерес да се разголи една безбедносна врска на македонската држава, прашува Дневник.

Според меѓународните стандарди, информациите поврзани за набавката на оружје, опрема, па дури и за обуки на безбедносните сили на државите или меѓународните организации се сметаат за државни тајни. На посебна заштитата на идентитетот, пак, подлежат вработените во службите за безбедност и контраразузнавање поради тоа што располагаат со одредени сензитивни информации токму од областа на безбедноста на државата на која и служат. Македонија е потписник на Виенските конвенции за договорно право, кои предвидуваат дека државите во одреден дел ги штитат класифицираните податоци на другите држави имајќи предвид дека токму односот на  меѓусебна доверба и добра волја се сметаат како клучни за добри односи меѓу државите. Македонија е една од ретките држави во светот која има договор за  стратешко партнерство со Израел, која се смета за една од нашите најпријателски држави, а од 2008 година наваму во неколку наврати јавно беше потенцирано дека оваа држава и нејзините служби помагаат во подигнувањето на нивното на подготвеност на нашата полиција и одбрана.

Но, освен меѓународните стандарди, Заев загриза во безбедноста на државата кршејќи го и Уставот, но и низа закони. Во рамките на Законот за класифицираните информации е наведено дека информација од интерес за Република Македонија е секоја информација или материјал изготвен од државните органи… како и странски лица, но и информација која се однесува на безбедноста и одбраната на државата.
Kако државна тајна според овој закон се сметаат информации или материјали чие неовластено откривање или употреба би можело да им наштети на трајните интереси на републиката, како што се: уставниот поредок, независноста и територијалниот интегритет, внатрешната стабилност… но и „информации кои може да направат непоправливи штети на оперативната ефикасност или безбедност“ на државата или кои „може да нанесат непоправливи штети на меѓународните односи на Републиката или на односите на странска земја или меѓународна организација со Република Македонија“.
Овој закон го дефинира и поимот штета. Во него се вели дека штета е нарушување на интересите на државата како последица од загрозување на класифицираните информации од интерес за Република Македонија или информациите што Република Македонија е обврзана да ги заштитува согласно со меѓународни договори.

Кон кого е упатена пораката? 

Притоа Заев и неговите правници во СДСМ, некои рангирани и до степен на професори на правни факултети, доктори и магистри на правни науки и адвокати, сигурно знаеле дека во Законот за јавните набавки во членот 7 изречно се наведува дека овој закон не се применува на набавката за која се пуштени телефонските разговори. Имено, во овој член е наведено дека законот не се применува при доделување договори за јавна набавка во случај кога договорот е класифициран со степен „државна тајна“ од страна на надлежен орган согласно со прописите за класифицирани информации или, пак, кога се работи за извршување на договорот се потребни посебни безбедносни мерки и постапки согласно со важечките прописи.

Ако тоа е така, тогаш зошто ова му беше потребено на СДСМ? Што не си објавува плацови или муабети меѓу Јанкуловска и Ставревски? Партијата можеше да докажува наводен криминал на Мијалков и без да го открие идентитетот на Израелецот. Kон кого тогаш е упатена пораката? Kон оние држави надвор до ЕУ и НАТО кои соработуваат со Македонија? Немојте тоа да го правите во иднина зашто вашите оперативци ќе ги објавиме. На сѐ ова додајте го и случајот со кредитот од Kина и мозаикот се склопува. А  сето ова можеби е обид да се подбуцнуваат и Албанците. Зашто, нели, македонската полиција не смее да се вооружува и модернизира.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top