| четврток, 6 декември 2018 |

Копилотот на „Ербас“ на интернет барал информации за самоубиства

Според Обвинителството, Лубиц ги вршел овие пребарувања на интернет неколку дена пред несреќата на авионот, кој се урна на 24 март

andreasLubic

Копилотот на „Ербасот“ на авиокомпанијата „Џерман вингс“, што пред десетина дена се урна на француските Алпи, Андреас Лубиц, преку интернет разгледувал методи за извршување самоубиства и ги анализирал безбедносните системи на блиндираните врати на пилотските кабини, соопштија денеска извори од Јавното обвинителство во германскиот град Дизелдорф.

Според Обвинителството, Лубиц ги вршел овие пребарувања на интернет неколку дена пред несреќата на авионот, кој се урна на 24 март.

Обвинителството дошло до ваквите сознанија преку анализа на лаптопот што бил запленет од станот на Лубиц.

Истражителите успеале да откријат што пребарувал Лубиц на интернет во периодот меѓу 16 и 23 март.

По првичната истрага, истражните органи дојдоа до заклучок дека 27-годишниот Лубиц намерно сам се заклучил во пилотската кабина со цел да го урне авионот на „Џерман вингс“.

Јавниот обвинител од Марсеј соопшти во вторникот дека истражните органи ја пронашле и втората црна кутија од „Ербасот“.

При несреќата на авионот загинаа сите 150 патници и членови на екипажот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top