Политичката импотенција отвори широк простор за општествена декаденција во Македонија. Во светски рамки поимот „политичка импотенција“ е познат за партии и за движења кои поради безидејноста или прибегнуваат кон користење неконвенционални средства или, едноставно, како политички диносауруси – исчезнуваат од сцената. Нашата опозиција, пак, соочена со можноста за заминување во историјата, прибегна кон првата опција, а паралелно и неминовно со нејзините активности, страшен замав зема искривувањето на вредностите. Проблемот е што актерите во декадентната прикаска со децении не се менуваат. Сведоци сме, за нивна жал, на сеопфатен атак во кој истите ликови во сеирџиски занес удираат по сите норми и сетила, а сето тоа во рамки на неизмерно големата желба за враќање на старите, доходовни позиции, башка моќ… Актери, новинари, генерали, пејачки и дузина политиканти сплотени во сива плејада на изгустирани ликови, сите водени од максимата „по нас потоп!“ желни за патување во времето кога биле стравотно добро платени. И полека, нивното сивило мина во црнила. Ги спојува една нишка – и тогаш и сега работат, т.е. одработуваат за една иста кауза и партија. А, верувале или не, но „режимот“ ги толерира и толерира. Милчин во моментов режира претстава во Театарот за деца и млади, актерите сите да ти биле советници по општините, дел и пратеници, политикантите прават милионски бизниси, а другите, пак, удобно си егзистираат на градата на Милчин, или Сорос беше. Мина речиси една деценија од нивното владеење со медиумите, театрите, институциите и државата, а потоп немаше, па гневните самозамислени основоположници на сѐ во Македонија се решија да станат „додолци“ и сами со аудиоснимки да го повикаат дождот, кој требаше да го донесе крајот. А, „режимот“ ги трпи и трпи. Еден пријател Евреин, факт што дава уште поголема тежина поради горкото искуство на неговиот народ со поимот за режим, поведен од секојдневниот опозициски вокабулар, уште одамна ми рече: „Аман. Нека смислат нешто ново, а не секој ден со тоа „режим“! Денеска за режимот, утре пак исто, задутре, па следниот месец и в година. Вистинскиот режим не функционира така. Таму – денеска зборуваш за режимот, а утре веќе те нема!!!“
Јакимовски: Шпионите во затвор – ново раководство во СДСМ!
Дистанцирањето на Црвенковски и на останатиот дел од „бранковистите“, како и на Љубчо Георгиевски, од Заев е добар показател за нивното мислење дека тој ќе биде „жртвата“ на сопствените бомбашки походи, вели лидерот на ГРОМ и градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски. „Грешката“ во пуштањето на разговорот за пазарот на БЦ – Центар за Карпош – за него е јасна порака од Заев до неговиот политички гуру: „Или ќе молчиш или и ти ќе гориш!“ Прогнозира затвор за „шпионите“ и ново раководство на СДСМ.
На една од опозициските прес-конференции протече информација дека поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, директно се „пазарел“ против Вас со ВМРО-ДПМНЕ. Што толку сте му згрешиле на Црвенковски?
ЈАКИМОВСКИ: Всушност, на Бранко Црвенковски тоа му е дел од карактерот, при што се замислува дека е голем итроман кој може да прави невозможни мисии. Но, овој пат, се заплетка во сопствените итроштини и првпат наиде на партнер рамен на него и кој може да повлече вистински потег во вистинско време. Мојот разговор со Мијалков тие го толкуваат како предавство, а разговорот на Црвенковски, со истиот претставник од ВМРО-ДПМНЕ на „замаените“ членови од СДСМ им изгледа како нормална појава затоа што тоа го правел Бранко, а нему сѐ му е дозволено и сѐ му е простено. Епа, нека извини!
Како го толкувате овој момент на „грешка“, повторно давање ветер во едра за јавноста и фингирање ситуација во која Заев се пресметува со Црвенковски, или реален судир меѓу двете фракции – бранковисти наспрема заевисти во партијата?
ЈАКИМОВСКИ: Погледнете добро: сите што разбираат политика се настрана од Заев. Љупчо Георгиевски во оваа приказна беше само три дена, сега е тотално на страна. Црвенковски исто така. Може ли некој да каже дека Игор Ивановски, Јани Макрадули, Наташа Савова, Емилијан Станковиќ и Весна Бендевска не разбираат политика?! Сите тие знаат дека новиот „Бошко Буха“ ќе погине од сопствените шрапнели. Затоа го оставаат да тоне сѐ подлабоко. Молкот на внатрепартиската опозиција во СДСМ го прекршија Андреј Петров и Васко Ефтов, како докажани „бранковисти“. Потоа пораката од Зоран Заев до Црвенковски беше јасна: или ќе молчиш или и ти ќе гориш!
Сепак, информацијата за Црвенковски беше презентирана на прес-конференција на која, првпат и надвор од вообичаената шема, материјалите ги презентираше Андреј Жерновски, а не Заев. Имајќи ги предвид дворските игри на поранешна Бихаќка, сакаше ли Заев така да се амнестира од одговорноста за јавен судир токму со човекот кој го амнестираше како претседател на државата?
ЈАКИМОВСКИ: Да! Ова беше невешт обид на Заев за контра на Црвенковски, а го искористи Жерновски, кој, кутриот, ја одигра валканата игра пресреќен што му дале говорница затоа што ја загуби партиската ( за да и тој биде „ин“, а не „аут“). Веројатно, затоа утредента се вадеше како „минус пред заграда“, слично како Амди Бајрам што се вадеше за Ромите, дека без Бранко нема да може да победи.
Не ли е пологично, ако постоел судир со Заев поради уништување на „отпорничката“ прикаска на БЦ, Црвенковски да ѝ понуди на ВМРО-ДПМНЕ пазар со Струмица, а не со Центар, истовремено за возврат, со гласовите на противничкиот табор „дисциплинирајќи“ ве и Вас?
ЈАКИМОВСКИ: Е тоа е неискреноста што во душа ја носат сдсмовските политичари. Прво му ја даваат поддршката на Жерновски, а зад грб му работат за негов пораз, како што цело време мене ми работеа во градската организација на СДСМ. Е јас не им се дадов!
Лично го повикавте Заев да ги обелодени разговорите со Вас од тој период. Што содржат тие разговори?
ЈАКИМОВСКИ: Јас точно знам што содржат тие разговори. Сега нему му е ред, ако е толку транспарентен и чесен, да ги објави во целост, па и неговото членство да види што нивниот лидер мисли за СДСМ, за партиските колеги и за Црвенковски, како и тоа што сѐ е подготвен да преземе.
Вистина или уште една компромитирана и фингирана снимка, но вака излегува дека СДСМ директно учествувал во изборни нерегуларности, пазарејќи се за гласови и со гласови, уништувајќи ги сегашните сопствени главни „адути“ во играта. Како познавач на внатрешните состојби во оваа партија, од каде им на „државотворците“ такви широки познавања за изборни игри и манипулации?
ЈАКИМОВСКИ: Ха,ха,ха! Па, во 1994 година зошто во вториот круг се откажаа ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија? Поради изборниот фалсификат! Сведок сум што се случи во Карпош во 1996 година и како победи Сашо Кузмановски. Се сеќавате на штрајковите пред Општина Карпош на Петар Гошев и на ВМРО-ДПМНЕ поради изборниот фалсификат во Карпош, а подоцна самите фалсификатори на војничките и гласовите на затворениците јавно кажуваат како е изведена техниката на таа злоупотреба.
Кои се Вашите очекувања за разврска на оваа политичка ситуација?
ЈАКИМОВСКИ: Шпионите, наредбодавците и нивните соработници треба да одат во затвор. Се разбира, во транспарентна судска постапка и да има морално политичка одговорност кај актерите. Очекувам нов конгрес на СДСМ и ново раководство.
Четворицата jавачи на македонската современа апокалипса
Опозициските бели трета година по ред се предвесници на македонската пролет. Двапати во улога на политичкото кокиче беше бојкотот – еднаш на изборите во 2013 година, вторпат на изборните резултати во 2014 година, а во 2015 година се нивните „бомби.“ Всушност, фингираноста и монтажата ги спојува сите три црни кокичиња, а расадникот секогаш е седиштето на Павел Шатев, овој пат генетски мутирано со интервенцијата на една сѐ уште непозната, „пријателска“ западна држава, многу „загрижена“ за иднината на Македонија.
Ликовите, пак, на четворицата јавачи на македонската апокалипса, која цели да ја врати земјата далеку во минатото, и економски и политички, одамна ѝ се познати на нашата јавност. Двата лика ѝ припаѓаат на врхушката на СДСМ, третиот е Сорос и неговите гневни извршители, а четвртиот, кој е и предводникот на прикаската, е скриен во сивата еминенција на странскиот фактор. Тој, кој и да е, секојдневно ги трие рацете, воодушевен од ефектот на построените пулени. Проблемот е што дел од јавачите, всушност, се влечуги и безрбетници, кои скриени зад превезот на божемната борба за демократија бездушно ја уништуваат иднината на сопствениот народ. Им се приклучија сите незадоволници, стотици неспособни чеда изнедрени од пазувите на транзицијата, кои постојано, низ кусата историја од независноста, па сѐ до денеска ја имаат неблагодарната, но добро платена улога на уназадување. Прекинувачот е многу едноставен. Овие „заспани“ зомби-креатури се будат секогаш кога во државата ќе се слушне зборот „напредок“, класичен детонатор на нивното бомбастично активирање. Во оваа шарена групација, скрупулите се најголемата мана што некој може да ја поседува. Случајноста во светот се толкува како божја рака, во Македонија, пак, „случајностите“ се контролирани од една друга и сѐ само не божја рака. Не толку одамна, во 2001 година, аферата „Големото уво“ му претходеше на конфликтот, „случајно“ во време кога државата почна да презентира сериозен економски напредок. Сега, „Странското уво“ се појави во една слична констелација, во време кога Македонија е лидер во економските реформи во регионот. Вистинскиот економски бенефит штотуку треба да почне да се чувствува, а некому, очигледно, не му одговара стабилноста за ова парче земја и овој народ. Вистинскиот проблем се јавува во идентификацијата на потеклото на раката која раководи со сите гнасотилаци, а проблемскиот подем се развива пропорционално со гневот на незаменливите статисти. Барем да имаа епизодни улоги, нели. ФАКТ е дека некои работи во животот не се менуваат, но ова со непроменливоста на „вечните“ ликови, сепак, е и „ФАК“ и факт…
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 134. број на неделникот „Република“, 27.03.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.