| четврток, 6 декември 2018 |

Меркел бара разбирање за Грција, партнерите се лутат

За време на нејзината посета на Хелсинки германската канцеларка покажа трпение и побара Германците да и дадат шанса на Грција да остане во еврозоната, но очигледно ваквиот апел не наиде на добар пример кај нејзините владини партнери.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, во очекување на реформите што ги вети грчкиот премиер Алексис Ципрас за време на минатонеделната посета на Германија, Меркел вчера изјави дека „целосната слика во која што се договараат грчките реформи мора да одговара на реалноста, но дека може да има разлика во мерките кои што ги преземаат владите на земјите-членки“.

Меркел која по средбата со Ципрас дава помирливи изјави различни од претходните воинствени пораки од Берлин и Атина, инсистира дека единствената инстанца која што може да даде свежи пари со кои Грција ќе избегне банкрот е Еврогрупата и тоа откако „тројката“ составена од Европската централна банка, Меѓународниот монетарен фонд и Европската Комисија ќе го одобри реформскиот пакет понуден од Грција.

Според последните информации од преговорите, што почнаа во петокот, од Грција се бара да продаде проблематичен имот во сопственост на Владата во Атина и да ја зголеми старосната граница за заминување во пензија.

Но, за разлика од Меркел, германското Министерство за финансии кое го води Волфганг Шојбле, денеска порача дека „топката е во рацете на Грција“. Портпаролот на Министерството, Мартин Јегер нагласи дека Берлин се уште не добил официјална и целосна листа на реформите што ги планира Атина.

Уште порадикални тонови во врска со Грција доаѓаат од врвот на баварскиот партнер на Христијанско демократската унија (ЦДУ) на Меркел, Христијанско социјалната Унија (ЦСУ).  Заменик-претседателот на ЦСУ, Петер Говелие се повлече од својата позиција во партијата и пратеничкото место во Бундестагот со образложение дека Владата греши што инсистира на финансиска поддршка за Грција.

Говелие, кој е долгогодишен критичар на еврозоната и на договорите за спас на Грција, на почетокот на март беше еден од ретките германски пратеници што гласаше против новиот пакет за поддршка на Атина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top