Првиот министер на шкотската Влада, Алекс Салмонд, соопшти дека референдумот за независност на Шкотска ќе се одржи на 18 септември идната година. Шкотските гласачи ќе треба со „да“ или со „не“ да се определат на само едно прашање: Дали сакаат Шкотска да биде независна земја?
Датумот за одржување на референдумот ќе треба да го потврди и Парламентот во Единбург, но тоа нема да биде проблем за Владата затоа што таа има апсолутно мнозинство. За шкотската влада, денот на референдумот е историски момент за земјата и за нејзините граѓани, додека опозициските партии ги обвинија Салмонд и неговата сепаратистичка Шкотска национална партија СНП за поигрување со гласачите и за долго чување во мрак околу тоа кога ќе биде гласањето.
Одамна беше познато дека референдумот ќе се одржи во 2014 година, но Салмнд и СНП долго одбиваа да се определи кога ќе се гласа за иднината на Шкотска. Првичната варијанта беше октомври идната година сакајќи да се поврзе прославувањето на јубилејот на една победа на Шкотланѓаните над Англичаните во средниот век, со референдумот за независност.
Претходно, Владата во Единбург донесе амандаман на изборниот закон со кој за рефенедумот е обезбедно учество на гласањето и на млади од 16 и 17 години. Сите партии во Шкотска, освен СНП, се против отцепувањето на северниот дел од Велика Британија. Последните испитувања на расположението на луѓето покажуваат дека помалку од една третина од Шкотланѓаните се за независност, додека две третини сметаат дека земјата треба да остане во Обединетото Кралство со зголемени овластувањња за шкотскиот парламент. Англија и Шкотска се во унија повеќе од 300 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.