| четврток, 6 декември 2018 |

Гутиерез: Никогаш нема да му простам на Њукасл

Јонас Гутиерез е миленик на навивачите на Њукасл, но минал низ портите на пеколот без очекуваната поддршка од стурктурите на клубот, што игра во Премиерлигата во Англија. Дури постои и разочарувачка индолентност од раководството на клубот во битката на нивниот фудбалер со ракот на тестисите. По две години и неколку операции, аргентинскиот ас се врати на фудбалските терени собирајќи ги симпатиите на фудбалските симпатизери, без оглед на клупските обележја.

„Никогаш нема да го заборавам за жал индолентниот однос на дел од раководството на Њукасл. Навивачите се феноменални, за мене најдобри на свет и постојано ме подржуваа, дури и кога бев во Аргентина и кога минував низ пеколот, со разочарувачко сознание дека имам рак. Како би се чувствувале кога на човек што бие битка со подмолна болест му соопштат дека може да си бара нов клуб. јас го доживеав тоа во Њукасл и таквиот третман нема да го заборавам никогаш“, изјави во интервју за „Канал плус“, Гутиерез.

jonas

За него навивачите на Њукасл имаат сосема поинаков однос од челниците на клубот и му приредија незаборавен дочек, кога на мечот со Манчестер јунајтед сезонава влезе во игра од клупата. Нов почеток за Јонас и атмосфера за паметење на „Сент Џејмс Парк“. Заглушувачка бука од трибините во чест на храбриот Гутиерез, кој не потклекна пред посилниот противник, пред ракот. Овации какви подолго време не се паметат на стадионот на Њукасл, инаку познат како жежок терен, со страствени навивачи кои безрезервно го подржуваат својот клуб.

„Нема подобри од нив. Во ниту еден момент не ме заборавија. Тие се тука и за добро и за лошо, навивачи со невидена страст кон својот клуб. Токму во такво фенеоменално светло се покажаа и во мојот случај. И денеска кога се шетам низ градот ме поздравуваат и ме бодарт како свој. Никогаш нема да го заборавам феноменалниот однос на навивачите кон мене“, вели Гутиерез.

Аргентинецот има 31 година и за среќа повторно игра фудбал, на сопствена радост и на задоволство на навивачите на Њукасл и сите искрени симпатизери на фудбалската игра. Јонас веќе се избори за една голема и вредна победа, триумф што за него живот значи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top