| четврток, 6 декември 2018 |

Егзистенцијални прашања

Тимчо Муцунски

Тимчо Муцунски, докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Во 1992 година Џејмс Карвил, еден од најпознатите стратези на Демократската партија во Соединетите Американски Држави, кој бил одговорен за создавање политика во кампањата на Бил Клинтон, го создал познатиот термин „Економијата е, глупави!” (It’s the economy, stupid!). Со изреката, која Карвил мислел дека ќе остане употребена само за оперативците на кампањата, сакал да укаже на значењето на економската политика на тогашниот кандидат – Клинтон. Слоганот подоцна прераснал де факто во слоган на целата кампања.

Проблемите што произлегуваат од слаба домашна економија, покрај тоа што удираат непосредно по работните места на граѓаните и нивниот стандард, исто така, го уриваат влијанието и имиџот на нашата земја на меѓународната сцена. Во Република Македонија темите за економијата беа навистина табу-тема и рак-рана на нашето општество. Во периодот по извршената приватизација, на сметка на збогатувањето на една мала група олигарси, други стотици илјади граѓани останаа без своите работни места, целокупниот општествен капитал беше обезвреднет, а обичните граѓани сѐ повеќе и повеќе страдаа. Во наведениот период македонската економија беше целосно затворена и изолирана, немаше инвестиции од надвор, а новосоздадениот капитал, наместо да биде ставен во функција на создавање нова вредност, речиси целосно и намерно беше блокиран на личните сметки на новите и неинвентивни сопственици и менаџери. Немаше нови работни места, не постоеше надеж ниту видик кон перспективен економски развој. Во насока на купување на привремениот ефективен социјален мир, свесно се дозволуваше функционирање на сивиот пазар, а државата не успеваше да го собере потребниот приход и нормално да го балансира својот буџет. Во наведените околности, бидејќи никој немаше лек за болеста, преку линија на помал отпор се претпоставуваше дека економските проблеми ќе се решаваат постепено и сами по себе.

На изненадување на целата јавност, се појави политичка опција која сакаше да ја разбие претходната летаргија и сериозно да се зафати со решавање на економските, финансиските и фискалните и секојдневни проблеми на работниците, земјоделците, сточарите, администрацијата, спортистите, учениците, невработените, социјалните случаи и сите други категории граѓани. Се создаде политичка платформа и програма која се зафати со решавање на макро- и микрополитичките проблеми, со широк опус на месополитики (meso policies). Проблемите со функционирањето на вистинската пазарна економија ги има и веројатно ќе се појавуваат и во иднина. Во рамките на градењето на програмите за дејствување на сите легитимни политички партии во земјата, се поставува основното прашање, како во однос на пристапот кон решавањето на проблемите, така и во однос на интензитетот, односно брзината на нивно решавање. Наместо празна реторика, би требало да се работи на изнаоѓање навремени, конкретни и ефикасни решенија. Од активна политика за привлекување директни странски инвестиции, преку мерки за стимулирање на претприемништвото, до мерки за вработување специфични целни групи (на пр. млади луѓе до 29 години), ВМРО-ДПМНЕ успеа да го направи тоа што ниту една влада не успеала да го направи до 2006 година – градејќи вистинска и остварлива стратегија за решавањето на економските проблеми на нашата земја. Покрај вистински определената дијагноза, првпат беше понуден и ефикасен, опиплив и видлив лек.

Барем јас не се сеќавам на ниту една атрактивна, видлива и препознатлива предизборна конкурентна програма на која било политичката партија, во ниту еден од изборните циклуси од 2006 година до денес, освен оние кои беа понудени од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Дали вие се сеќавате? Веројатно не, бидејќи конкуренцијата наместо да посвети поголемо внимание кон развојот на економијата, иновациите, растот на продуктивноста и производството, унапредувањето на менаџерските и претприемачки способности и иновациите, тие се занимаваа со самите себе, практикувајќи празни и убави зборови кои немаат никакво значење за македонските граѓани. Токму тука е и суштинската разлика меѓу власта и опозицијата, но и основната причина за постојаните фронтални напади врз легалните институции на државата и власта, која, од друга страна, создава реално добра економска клима и остварува конкретни и позитивни резултати. Кога не си во состојба да се спротивставиш со силата на аргументите, секако ќе се потрудиш да го освоиш борбеното поле преку аргументот на силата – која за волја на вистината, секојпат е со краток дострел и без реална перспектива за постигнување вистински развој.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top