| четврток, 6 декември 2018 |

Червар: Клучот на успехот е одбраната

Хрватскиот стратег бара да нема отпуштање, а вели дека од своите избраници очекува реприза на играта од Минск, според него, најдобра сезонава за Металург

Македонскиот ракометен шампион Металург  е пред историски предизвик, а уште еден добар натпревар против Динамо Минск ги носи во друштво со елитниот октет во Лигата на шампионите.

LINO-cervar-vika

Реваншот ќе се игра в сабота, на 23 март, од 18 часот, а очекувањата се дека „металурзите“ се кадарни да ја одбранат предноста од 26-23 од Минск. Билети одамна нема, па се очекува и фанатична поддршка за нашиот првак за нова победа и прв пласман на македонска машка екипа во четврт-финалето на ЛШ.

– Ова ќе биде сосема нов натпревар, а, да бидам искрен, јас сум загрижен. Не се плашам, само сум загрижен бидејќи многумина мислат дека по мечот во Минск сѐ е готово. Не смееме да размислуваме така бидејќи тоа беше само едно полувреме. Реваншот нема да биде лесен, реалноста е спротивна. Никој не може да ме убеди дека екипа што има 13 странци од пет земји, која е државен проект, која играше рамноправно со Барселона, Фуксе, Загреб, лесно ќе се предаде. Барам комплетна мобилизација од сите во клубот, од новинарите, од публиката… Ова е историски момент, шанса Металург да се најде меѓу осумте најдобри екипи во Европа и сакаме да ја искористиме – вели Червар.

Хрватскиот стратег бара да нема отпуштање, а вели дека од своите избраници очекува реприза на играта од Минск, според него, најдобра сезонава за Металург. 

– На нас е да ја повториме играта од Минск, според мене можеби и најдобар натпревар сезонава. Повторно клуч во победата ќе биде одбраната, а во четврт-финалето ќе оди онаа екипа што повеќе ќе го посакува триумфот. Не е важно дали ќе играме убаво, тоа ќе биде историски меч, а на таквите мечеви се бројат само резултатите – додаде Червар.

И капитенот, Ванчо Димовски, посакува и повикува на сериозен пристап на ракометарите на Металург за да има реприза на одличната партија од Минск, в сабота во Скопје. 

 

– Не познавам противник што по едно полувреме губи само три гола разлика да се откаже од битка. Тие се свесни дека мора да бркаат резултат, ние стартуваме со плус три, но таа предност може да биде анулирана за многу кратко време. Затоа треба да одиграме најдобро што знаеме, да ја задржиме дисциплината во играта што ја имавме во Минск. Шансата е тука и мора да направиме сѐ што е во наша моќ за да ја искористиме и за првпат во историјата да се најдеме меѓу најдобрите осум тима во Европа – рече  Димовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top