Лидерот на опозицијата, Зоран Заев, продолжува со политичка дискредитација на власта објавувајќи креирани приватни телефонски разговори, како негова последна опција на незаконски и нелегитимен начин да ја преземе власта, пишува „Нетпрес“. А, притоа, како давеник за сламка, со последните сили бескрупулозно се користи со секакви средства, кои не се дозволиви за едно демократско општество. И овој пат, како и минатиот, кога опозицијата се извинуваше дека несакајќи се протнал дел од разговор кој не бил за пред јавноста и требало да „биде исечен“, со материјалите кои денеска ги презентираше не потврди никаков криминал на власта, а само уште повеќе го „закопа“ бизнисменот Фиат Цановски. Имено, тој во наводниот разговор самиот си признава дека спорниот објект „Космос“, нелегално го градел и притоа се „пазари“ со премиерот Груевски да се „измазни“ работата. Фиат и претходно самиот призна дека го прекршил законот за градба, што им било познато и на странските дипломати во земјава.
Од денешниот објавен разговор, се дознава дека Цаноски признал дека имало грешки при градбата, а за тоа почнал и да се оправдува. Во разговорот меѓу Никола Груевски и министерот за транспорт и врски, Миле Јанкиески, премиерот го раскажува разговорот со Цаноски, според кој бизнисменот му предложува да организира ако треба и средба со Велија, а воедно се вадел дека со него ниту имал, ни сакал да има бизнис.
„ Децава ни се сега заедно, утре може нема да бидат, нон-стоп се караат. Молим те у бизнис сум, не знам главата кај ми е. Еве следните избори нема, еве ако сакаш следните избори да ти потпишам кај сакаш нема да се кандидирам, на друг ќе ја дадам партијата, на кој сакаш. Дај ако треба да потпишам негде“, вели во разговорот Груевски, раскажувајќи му на Јанкиески што му кажувал Цаноски.
Но, конструкциите на опозицијата веќе одамна не поминуваат, а од тоа што го презентираше пред јавноста, (веројатно повторно несакајќи), може да се заклучи дека никој не е над законот, кој е еднаков за сите. Тоа важи и за Фиат Цаноски, кој според документацијата на Министерството за транспорт и врски и општинската градежна инспекција објектот „Космос“е изграден спротивно на издаденото одобрение за градба, а со тоа и спротивно на законот. А, во таков случај, нема простор за компромиси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.