В понеделник, 23. март, во галерија МКЦ со почеток во 20 часот е промоцијата на „За жените кои немаат куќа и три обични дена“, новата поетска збирка на Сеида Бегановиќ.
Промотори на книгата се : Елизабета Шелева и Владимир Мартиновски. Модератор на промоцијата е Ѓоко Здравевски, поезија читаат : Елена Митреска, Снежана Стојчевска, Ѓоко Здравевски, Владимир Мартиновски и Сеида Бегановиќ.
Вечерта ќе ја обојат музичките илустрации на Валентино Апостоловски и Владимир Лукаш.
Славица Гаџова, за поезијата на Бегановиќ вели:„Домот, покрај женскоста, се чини дека е најбитната категорија на ова поетско писмо. Авторката, со своите стихови, го поставува фундаменталното прашање: има ли нашиот Дом своја адреса во реалното? Дали има свои просторни (или, пак нумерички) координати ? (Таа ја пресвртува традиционалната парадигма на нераскинливата врска помеѓу жената и домот; помеѓу жената поставена во обележаната и непроменлива територија на куќата и огништето, низ еден суптилно меланхоличен, метафоричен и интелектуален поетски дискурс. Но, пресвртувањето на парадигмата и раскинувањето на врската жена – дом, во овој случај не се прави во името на ултрафеминистички побуди: домот не се напушта, од него не се бега, туку тој се бара! “
Професоракта Елизабета Шелева вели: „Да се читаат песните на Сеида Бегановиќ претставува вистински предизвик за читателот: како храбро и возбудливо Четиво, во кое рака под рака одат горчливата исповедност и надмоќната философска дистанцираност; ранливата кревкост на жената и отровниот цинизам на супериорната, самоиронична „мажевна“ Мудрост; духовитата игра на зборови, метафори и идиоми, смислата за хумор, воопшто и неочекуваниот, од заседа излезен „калкулус на болката“, самотијата, напуштеноста, предавството од страна на другите…
Бегановиќ е родена 1961г. во Зеница, Босна. Завршила студии по филозофија и социологија на Филозофскиот факултет во Сараево. Живее и работи во Скопје како слободен уметник. Објавува поезија и проза (раскази и романи), а работела како новинар, драматург и преведувач (македонски, полски, руски, англиски јазик).
Нејзината поезија и проза е преведувана на англиски, полски, руски, украински, македонски, албански и турски јазик. Има објавено повеќе наслови : „Индекс на изговори“ (поезија, 2004), „Интервју со сината куќа“ (роман, 2007), „Граничници“ (поезија, 2009), „Албум на совршените мигови“ (роман, 2010).
Поетската книга „За жените кои немаат куќа и три обични дена“ ја доби наградата Книжевен мост на ДПМ за 2014 година за автори кои пишуваат на малцинските јазици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



