Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека Грција мора да се придржува до „секој параграф“ од договорот за продолжување на финансиската помош со еврозоната, иако ќе бидат разгледани и можни нови предлози на грчкиот премиер Алексис Ципрас.
-Секој параграф од договорот е важен“ изјави германската канцеларка Ангела Меркел на прес-конференцијата на крајот од самитот на Европската унија во Брисел, додавајќи дека идниот потег во решавањето на грчката должничка криза е должен да го стори грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој следните денови треба да ги претстави конкретните реформи.
Грција може да предлага нови економски реформи коишто се однесуваат на пензиите и оданочувањата „сé додека тие имаат ист ефект“ како и сегашните обврски, истакна во продолжение Меркел и додаде дека тие предлози би требало да ги оценат европските институции, пишува Reuters.
Како што пренесува германската агенција DPA, грчката влада во петокот најавила дека во предлогот на реформите коишто им ги ветила на европските челници во замена за продолжување на финансирање нема да бидат мерките за штедење.
„Списокот од реформите нема да содржат рецесиски мерки. Не се вклучени дополнителни мерки за штедење“, изјави портпаролот на владата на Грција, Гаврил Сакеларидес. „Нема да има реформи кои дополнително ги намалуваат пригодите, не затоа што тоа добро звучи туку затоа што не може да се извлекува нешто од некој кој нема повеќе што да даде“, истакна. Наместо тоа, владините предлози ќе се концентрираат на начините како да се зголемат приходите“ додаде Секеларидес, наведува DPA.
Во меѓувреме претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека ЕК на Грција ѝ ставила на располагање две милијарди евра „неискористени пари“ од буџетот на Европската унија за 2015 година за да ѝ помогне во справувањето со хуманитарната криза. Тие пари не се наменети „за пополнување на касата на грчката држава“, туку ќе може да се искористат за „јакнење на напорите за поттикнување на економскиот раст и социјалната кохезија“, во прв ред во однос на големиот проблем со невработеноста меѓу младите, истакна Јункер според AFP.
Со цел на грчката влада да ѝ се овозможи што полесно да ги привлече тие средства, Европската унија во Брисел постави техничка екипа, а работната група во Атина доби упатствата тесно да соработува со грчките власти. Атина од почетокот на финансиската криза доби два пакета помош од 240 милијарди евра и отпис на уште околу 110 милијарди евра од приватните доверители, а сега повторно ризикува во рок од неколку дена да остане без пари за сервисирање на своите обврски. Освен банкротот, постојат стравувања дека Грција би можела да ја напушти еврозоната, доколку не се усогласи со меѓународните доверители околу реформите неопходни за да се деблокираат преостанатите 7,2 милијарди евра од сегашната програма за помош.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.