„Македонската еманципација на Балканот“ е новата книга на Стефан Влахов – Мицов, која ќе биде промовирана денеска во 19 часoт во книжарницата „Матица ексклузив“. За книгата, која е во издание на „Матица македонска“, ќе говорат академик Блаже Ристовски и публицистот и писател Георги Барбаровски.
Во фокусот на вниманието на авторот е историјата на Македонија и судбината на Македонците низ вековите, нивниот стремеж кон етничка, идејна, јазична и културно-историска еманципација за време на различни цивилизации кои влијаеле на Балканот, а истовремено и на улогата на македонското население и неговиот придонес за време на Римската, Византиската и Османлиската империја. Содржината се осврнува на времето по освојувањето на ова подрачје од Рим, борбите за независност во средновековието, борбата за јазична еманципација, самостојност на црквата, како и борбата за автономија и своја државност во 19-тиот и 20-тиот век.
Стефан Влахов – Мицов е роден во Габрово, Бугарија. За своето потекло вели дека е од источниот дел на Македонија, што го поттикнало да се занимава со националните малцинства на Балканот. Неговите дела главно се фокусираат на македонско-бугарските историски прашања и актуелни односи. До сега во Македонија ги објавил книгите „Филозофскиот клуч за македонскиот идентитет“ и „Неомеѓени мисли“. Првата книга не е објавена во Бугарија, затоа што авторот смета дека може да предизвика негативни реакции во бугарската јавност и да биде цензурирана од страна на властите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.