Грчкиот надворешен долг достигна ниво од 178 отсто од домашниот бруто-производ на Грција, со што е неодржлив и мора да биде реструктуиран, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас во обраќање во седиштето на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во Париз.
– Повеќе не можеме да се правиме дека државниот долг на земјата е одржлив и дека можеме да го опслужуваме бидејќи тој достигна околу 178 проценти од БДП, а нашите трошоци за отплата на камати изнесуваат 6,5 милијарди евра годишно до 2021 година, по што ќе се зголемат на 11 милијарди, а во 2022 и на 24,5 милијарди евра – потенцира Ципрас.
Според него, како што јави ТАСС, нереално е да се инсистира на примарен суфицит на буџетот од три отсто од БДП во 2015 и по 4,5 проценти во иднина, само за да се создава претстава дека грчкиот државен долг е одржлив.
– Од животна важност за Грција е нејзиниот државен долг да биде реструктуиран – истакна грчкиот премиер.
Според Ципрас, рестуктуирањето на долгот ќе ја направи земјата платежноспособна, значитечно ќе ги намали каматите на државните обврзници со рок на достигнување од 10 години и на Грците ќе им даде можност да почнат своите финансиски потреби да ги задоволуваат од пазарите на капитал.
– Според наше мислење, Европската монетрана унија не е способна да го реши проблемот со државниот долг на Грција – додаде Ципрас во обраќањето.
Грција и ОЕЦД во средата потпишаа договор за консултантска и експертска помош од страна на Организацијата во спроведувањето на грчките реформи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.