| четврток, 6 декември 2018 |

Началникот на ГШ на АРМ во посета на вооружените сили на Шпанија

Делегација на АРМ предводена од началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, од денеска престојува во дводневна  официјална  посета на вооружените сили (ВС) на Кралството Шпанија.

Како што соопшти МО, началникот на ГШ на АРМ Котески денеска во Мадрид беше пречекан со високи воени почести од страна на началникот на ГШ на ВС на Кралството Шпанија, генерал адмирал   Фернандо Гарсија Санчез.

Инаку, ова е прва официјална посета на ВС на Кралството Шпанија од страна на началник на ГШ на АРМ, на која покрај унапредувањето на билатералната воена соработка, се разговарало и за искуствата на двете армии од учеството во мисии предводени од НАТО и ЕУ и трансформацијата.

На средбата, стои во соопштението, станало збор и за проширување на соработката на полето на военото образование и користењето на услугите на центрите за обука на ВС на Шпанија за потребите на АРМ.

Генералот Котески ја истакнал соработката со ВС на Шпанија како исклучително важна во процесот на евро-атланските интеграции на Република Македонија, при што како можни форми за проширување на билатералната соработка, ја посочил можноста за користење на Армискиот полигон „Криволак“, организирање заеднички вежби, како и соработка и размена на искуства од доменот на военото планирање и обуката за справување со импровизирани експлозивни направи.

За време на престојот во Мадрид, генералот Котески ќе ги посети НАТО центрите за обука  за справување со импровизирани експлозивни направи и за водење воздухопловни операции, а ќе има можност и да се запознае со капацитетите, мисијата и задачите на падобранската бригада на ВС на Шпанија.

Билатералната соработка на полето на одбраната со Кралството Шпанија официјално е воспотавена во октомври 2009 година, со потпишување Меморандум за соработка помеѓу министерствата за одбрана. Во изминативе три години, соработката на АРМ со ВС на Кралството Шпанија се одвива на повеќе полиња како што се: военото образование, јазичната обука, обука на клучни специјалности пред упатување во мисија и обука за проверка на воздухопловни радионавигациски уреди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top