Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху обвини дека има светски заговор против него со цел тој да изгуби на парламентарните избори во земјата, закажани за идната недела.
Армиското радио денеска го објави обраќањето на Нетанјаху пред активисти на неговата десничарска партија Ликуд. Дел од неговите зборови беа протолкувани како тврдење за финансирање од странство на групи, кои се залагаат за смена на власта во Израел.
Политичките партии во Израел немаат право да добиваат пари директно од странски спонзори за време на изборни кампањи. Израелското законодавство сепак дозволува такво финансирање на здруженија со цел, да агитираат за едни или други политички ставови, додека со години кандидатите на израелските избори ангажираат американски консултанти.
– Тоа ќе бидат многу тесни избори. Ништо не е гарантирано, бидејќи постои голема светска кампања да биде соборена владата на Ликуд – изјави Нетанјаху.
Според последните анкети позициите на двете главни политички сили во Израел, десничарската Ликуд и левичарската Ционистички сојуз, се практично изедначени пред изборите на 17 март годинава. Аналитичарите, сепак оценуваат дека Нетанјаху има подобри шанси да состави владејачка коалиција по изборите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.