| четврток, 6 декември 2018 |

Притисок од власта: Првиот човек на КСС избркан од работа

КСС денеска доби јавна поддршка и од регионалните синдикални организации од поранешна Југославија кои го осудија давањето отказ на претседателот на КСС поради неговото синдикално ангажирање и побараа да се поништи оваа одлука

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) обвини дека се вршат притисоци врз синдикалните лидери и најави дека доколку ваквите притисоци не престанат ќе излезат на протест и ќе преземат активности за организирање на генерален штрајк.

Претседателот на КСС Благоја Ралповски како најнов пример за притисок врз синдикалните лидери го посочи неговото бркање од работа во АД ЕЛЕМ.

– КСС јавно ги искажа своите ставови и побара од Владата усогласување на платите согласно минималната плата, покачување на платите во јавниот сектор и отворање на Општиот колективен договор со посебен акцент на регресот за годишен одмор познат како К-15. Наместо преговори, одредени структури на власта т.е. управни одбори на АД ЕЛЕМ спречија легитимни синдикални избори, а директорите сакаа насилно да постават свои луѓе со цел преземање на синдикалните организации – изјави денеска Ралповски.

Со ова, според Ралповски, се прекршени многу меѓународни конвенции од Меѓународната организација на трудот, како и Законот за работни односи.

КСС денеска доби јавна поддршка и од регионалните синдикални организации од поранешна Југославија кои го осудија давањето отказ на претседателот на КСС поради неговото синдикално ангажирање и побараа да се поништи оваа одлука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top