| четврток, 6 декември 2018 |

Верба во институциите

Тимчо Муцунски

Тимчо Муцунски, докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Решението на секој проблем е неопходно да се бара преку дијалог. Политичарите во која било држава во светот имаат примарна одговорност да водат сметка за заштита на државните/националните интереси и на интересите на граѓаните и во наведениот контекст би требало да изразат силна почит кон уставно правниот поредок на државата и нејзините легални демократски институции. Барањата за вонинституционално решение на кој било политички или системски проблем најчесто и вообичаено го намалува угледот на државата, произведува несигурност кај населението, носи сериозни безбедносни ризици, го зголемува некомерцијалниот ризик, создава непотребни финансиски трошоци, ја намалува продуктивноста и економската ефикасност на вработените и го менува расположението во сите сегменти на општествено живеење.

Секако, потребно е сите ние да ги разбереме и желбите на секоја опозициска партија бидејќи во основата на нејзиниот интерес е преку демократски средства да води силна политичка кампања и да упатува сериозни, аргументирани и конструктивни критики кон власта, обидувајќи се да биде нејзин вистински коректив, да ја зголемува својата конкурентна моќ и постепено преку политичка битка и во демократски услови да создава услови за преземање на владеачката позиција. Притоа, не смееме да заборавиме, дека во испорачувањето на критиките кон власта треба да се води сериозна сметка за владеењето на правото и почитувањето на принципите на уставност и законитост, задржувањето на нивото на политичка култура, основаноста и аргументираноста на нападите, доколку е возможно одговорноста да биде на повисок степен, но и да се избегнуваат грубите напади и навреди врз политичката конкуренција.

Токму заради вербата на граѓаните во институциите на системот и поттикнувањето на политичкиот дијалог во овој сложен политички момент во Република Македонија се наметнува потребата во што е можно пократок временски период правосудните власти да посветат зголемен степен на внимание и професионален ангажман во насока на утврдување на целата вистина. Секако, доколку сакаме квалитетно, брзо и ефикасно затворање на отворените кривичните предмети, би требало да им овозможиме на јавното обвинителство, надлежниот суд и другите инволвирани институции без никаков притисок, независно и стручно да си ја завршат својата работа. Финализирањето на сите потребни фази од кривичната постапка се од особена важност за донесување легални и легитимни судски одлуки бидејќи нивните акти се исклучително значајни, како во контекст на преземањето натамошни чекори од страна на политичарите, така и заради градењето на довербата на граѓаните кон нив.

Денес во Македонија веројатно најпосакуваното излезно сценарио за решавање на политичката криза е веднаш и самостојно да се пристапи кон нејзино затворање, што истовремено ќе биде и соодветен доказ за постоење доволен капацитет, високо ниво на политичка зрелост и одговорност во рамките на целиот политички естаблишмент. Таквиот пристап повеќе од сигурно е дека ќе биде еден добар аргумент во прилог на зголемување на довербата на меѓународната заедница кон државата и кон инволвираните политички субјекти, а истовремено ќе ни овозможи непречено да продолжиме со реализација на реформите и остварувањето на нашите заеднички стратегиски надворешнополитички и економски цели.

Во наведениот правец се и размислувањата и препораките на Брисел, Берлин и другите центри на меѓународна политичка моќ, кои од сите субјекти на македонската политичка сцена бараат да се почитува правната држава, судството, институциите на системот, слободата на медиумите и нагласуваат дека политичкиот дијалог треба да се врати во парламентот, како што и прилега на една европска демократска држава.

Веројатно на прв поглед зачудува фактот дека повикот за воспоставување вистински политички дијалог единствено добива значење доколку доаѓа од страна на меѓународната заедница, а речиси по правило таквите повици за инволвирање се упатуваат од страна на политичките партии од Република Македонија. Тоа и не би било невообичаено доколку претходно биле искористени сите механизми и можности за отворање легален и легитимен дијалог, а во чии рамки секојпат постои можност да се покаже зголемен степен на дополнително инволвирање, па дури ако е потребно и употреба на политичко медијаторство.

Неразбирливо, но вистинито, при решавањето на нашите внатрешни и надворешни политички проблеми во изминатиот период од независноста до денес, најчесто сме барале посредување од надвор. Тоа беше случај со нашиот прием во ОН во 1993 година, потпишувањето на Привремената спогодба со Грција 1995 година, потпишувањето на Рамковниот договор 2001 година итн. Од друга страна, таквите искуства кај нас и во нашето опкружување упатуваат на заклучокот дека помошта на странците која навидум изгледала неопходна, најчесто продуцирала планови, програми, договори, формирање контакт-групи, именување посредници, кои не разбирајќи ја суштината на проблемот нормално не успевале да дадат ниту вистинска дијагноза ниту да понудат соодветно и прифатливо решение. Тоа е така затоа што странците немаат доволно време, ниту сакаат да ги разберат нашите специфики, традиции, обичаи, историски разлики, национални, верски и јазични преплетувања или бариери, како и ниво на политичка култура, при тоа нудејќи неприфатливи решенија кои во првото соочување со реалноста се модицираат или не се прифаќаат.

До кога така, зар и ние во Македонија не треба еднаш и засекогаш да собере доволно храброст и да кажеме дека можеме сами и дека нашите граѓани сакаат да видат креативни решенија, кои ќе им донесат релаксирана политичка атмосфера, лојална конкуренција, стабилна економска, монетарна и финансиска политика, засилени економските активности, повеќе странски и домашни инвестиции, зголемен извоз, поголем број работни места, развој на претприемаштво, подобар животен стандард и мир и спокој во нивните семејства.

Веруваме дека желбите за учество во политичка забава се минато завршено време, а на политичарите не им останува ништо друго освен преземање целосна одговорност во насока на враќање на гордоста, самодовербата и реалниот просперитетен и демократски раст на државата и нејзините граѓани.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top