| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва на Петар Горко ќе му биде врачена наградата „Актер на годината“

Редакцијата на весникот „Дневник“ вечерва во Македонскиот народен театар ќе му ја врачи наградата „Актер на годината“ за 2012 година на Петар Горко за улогата на Хенри Шести во истоимената претстава на Народниот театар – Битола.

petar_gorko

Петар Горко играше во третиот дел од трилогијата на Шекспир „Хенри Шести“, во режија на  Американецот Џон Блондел, со кој неговиот матичен театар во мај 2012 година настапи на „Светот за Глоуб“. Фестивалот беше во рамки на Културната олимпијада во Лондон, на кој беа изведени сите 37 драми на Шекспир на исто толку различни јазици.

Горко ја оживеа насловната улога на добриот и нерешителен крал-верник, кому му пресудува подмолниот мечтател за круната Ричард. Во обновениот Шекспиров театар „Глоуб“, но со автентичен лик и конструкција како оригиналниот од 16/17 век, битолските актери го раскажаа на македонски јазик третиот дел од историската драма за граѓанската или Војна на розите (црвените и белите) во средновековна Англија и за борбите за превласт меѓу династиите Ланкастар и Јорк.

Првите два дела од трилогијата ги одиграа театрите од Белград и од Тирана. Македонскиот дел беше највисоко оценет од рецензијата на британски „Гардијан“.

Во чест на наградениот Горко, МНТ вечер ќе ја изведе претставата „Декамерон“ во режија на Боњо Лунгов.

Наградата „Актер на годината“ се состои од статуетка и вредносен чек од 60.000 денари.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top