Кога некој ќе спомне некаква линија на огнот, тој, всушност, ги определува границите на судирот. И ова е многу јасно за сите. Не е потребно да се бараат некои скриени контексти во ваквата дефиниција на зоната на судирот.
Во случајот со најновата изјава или, подобро кажано, закана на државниот секретар за надворешни работи на САД, Џон Кери, ова искажување излегува од шемите на ординарноста и шири извесен тип вознемиреност, посебно кај оние кои се спомнати во овој контекст. Но, да бидеме попрецизни, секретарот Кери истакна дека некои балкански земји, како Македонија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, се на линијата на огнот.
Ова за секој добар геостратегиски аналитичар внесува одредени дилеми и сомнежи. Зошто секретарот Кери ја определи линијата на огнот (со Русија) зад првиот ешалон членки на НАТО? Зошто го помести фронтот неколку стотици километри зад вистинската потенцијална линија на огнот?
За да биде или да дојде линијата на фронтот до Македонија, Србија, Црна Гора и до Босна и Херцеговина, Русите треба, во најмала рака, да прегазат две членки на НАТО, а тоа се Бугарија и Романија. По окупацијата на овие две членки на Северно-атланскиот сојуз, со право можеме да говориме дека линијата на огнот веќе дошла на територијата од поранешната СФРЈ, без Словенија и Хрватска, но кога тоа би било реалност, веројатно, линијата на фронтот би била многу поширока и веќе би имале рекреирање на зоните на влијание, зацртани на Јалта за време на Втората светска војна од страна на Сталин, Рузвелт и на Черчил.
Во секој случај, овој исказ на Кери не треба веднаш да се отфрли како лошо познавање на географијата. Можеби државниот секретар за надворешни работи на САД со остра закана ги предупредува оние неколку земји од Западен Балкан кои сè уште не се членки на НАТО и на ЕУ и што не вовеле целосни економски санкции кон Русија. Но, со тоа тој се легитимира како непристоен силеџија, а што е најстрашно, за него и за неговата држава, демонстрира страв, па во целата своја параноја антиципира одредени состојби, кои сугерираат дека САД веќе не се способни целосно да ги обезбедуваат своите национални интереси насекаде, каде што им е волја и дека нивната империјална позиција е длабоко разнишана.
Тоа што понекогаш изгледа како предупредување, па дури и лапсус, всушност, често е говор на потсвеста. Веројатно, Кери бил во благо двојство дали тоа предупредување, и воедно закана, требало да се соопшти или не?
Со самото тоа што го соопштил, тој демонстрира несигурност во целата одбранбена архитектоника на источното крило на НАТО, а посебно кон слабите алки, Бугарија и Романија, кои први ќе попуштат кога војната што веќе се води во Украина ќе ескалира, а „големата страна“ ќе удри по нив со својата стратегиска моќ.
Знаеме, од историското искуство од Втората светска војна, дека по првите позначајни победи на Црвената армија против Вермахтот, сојузниците на Третиот рајх, Романија и Бугарија, паднаа како гнили круши без каков било отпор кон забревтаната советска армада. Потоа, секако, следниот половина век служеа за потсмев како држави, неспособни и некомпетентни да водат некаква посериозна војна, а хероизмот и фанатизмот, на пример, што го демонстрираа Русите или, пак, Германците во нивите воени конфликти се светлосни години далеку од овие леснокршливи карактери, што се однесува до воинственоста.
И сега повторно, линијата на фронтот е поместена на запад, преку нивните територии кон териториите на бивша СФРЈ.
Таквата определба на Џон Кери би требало да биде навреда за овие две држави, но тие мудро молчат. Ни на крај памет на им паѓа како ќе ѝ се спротивстават на моќната руска армија доколку линијата на огнот се прошири, а тие влезат на менито?
Веројатно, нема да се спротивстават никако. Тие би капитулирале уште при декларацијата на војна од страната на Кремљ, а Американците би требало да организираат ново стратегиско утврдување и тука да ја лоцираат линијата на огнот – на териториите на државите што излегоа од бивша СФРЈ, а кои сè уште не се членки на НАТО, што значи дека и на тие територии тие би се соочиле со силни герилски движења, сочинети од оние структури што сè уште не им простиле за нивните брутални кампањи од пред декада-две. Да се сетиме само на Босна, СР Југославија и Македонија во 2001 година. Сè уште се свежи сеќавањата кај многу гневни луѓе, кои во овие геостратегиски игри на САД загубија многу, а за возврат не добија ништо. Таквите структури едвај чекаат линијата на огнот да пристигне на нивната територија.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.