Во “Матица ексклузив” вечерва во 19 часот ќе биде отворена изложба на академскиот сликар Симон Шемов. Пред љубителите на уметноста познатиот уметник ќе се претстави со нови триесет и шест дела. Во оваа пригода ќе биде промовирано библиофилското издание на Шемов “Медиум – целулоза” – рачна изработка на хартија, видови целулоза од домашно поднебје и нивна паралела со веќе познатите целулозни суровини. Изложбата ќе ја отвори проф. д-р Иван Џепаровски.
Симон Шемов спаѓа во редот на водечките имиња во македонското сликарство. Во изминатите плодни творечки години остварил триесетина самостојни изложби во Скопје, Белград, Струмица, Кавадарци, Прилеп, Битола, Братфорд, Лондон, Единбург, Њујорк, а учествувал на над двесте и дваесет групни изложби. Добитник е на значајни национални и меѓународни награди.
“Со изложбата на Симон Шемов мултимедијалниот центар “Матица ексклузив” ја продолжува востановената практика да ги промовира високите вредности на македонските сликари. Во изминатите месеци со свои дела беа претставени сликарите Васко Ташковски, Коле Манев, Газанфер Бајрам и Владо Георгиевски”, велат од Матица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.