В среда, четврти март, во 19 часот во гостилницата „Чардак“ – Боемска улица во Дебар маало во Скопје ќе се одржи промоција на романот „Калдрма“ од авторката Слаѓана Ставрева.
„Калдрма“ е животна сторија на две чорбаџиски семејства од западна Македонија, следена низ повеќе генерации. Во романот доминира љубовта помеѓу Трпана и Никола околу кои се вртат сите останати ликови со кои овој роман изобилува. Главна категорија ликови се претставниците на иста социјална категорија, поточно на богати граѓански семејства чии начини на живот многу малку се разликуваат од животот на истата категорија во поголемите европски градови.
Народните адети, обичаите, верувањата и мудростите претставуваат вистински подарок даден од срце, кој авторот Слаѓана Ставрева со својата “Калдрма“ го остава за наредните поколенија. Нарацијата низ романот е топла, емотивна, но и со леснотија го држи вниманието на читателот.
Делото изобилува со многу историски факти и силен патриотизам за се што значи татковина, нашата Македонија.
Авторот Слаѓана Ставрева е родена во Скопје. Потекнува од интелектуално граѓанско семејство и е особено горда на своите корени. Таа е сопруга и мајка на две возрасни деца. Целиот свој работен век го поминала работејќи со бројки и цифри кои никогаш не ја привлекувале. Сепак нишката која уште од мала ја доби од својата мајка никогаш не ја оддели од пишаниот збор.
Љубовта кон литературата ја тераше постојано да чита, но и да пишува иако тоа јавно не го промовираше. Како плод на оваа нејзина љубов пред сите нас се појавува романот „Калдрма“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.