Британскиот исламистички милитант, познат како Џихадистот Џон е ладнокравен, одбивен и осамен млад човек, кој самиот се издвои од другите, тврди „Би-Би-Си“ повикувајќи се на исказот на еден негов „соборец“, кој успеал да побегне од групата Исламска држава (ИД).
Минатата недела Џихадистот Џон беше идентификуван во лондонските медиуми како Мохамед Емвази, роден во Кувајт, но израснат и образован во Велика Британија. Потекнува од добро ситуирано семејство од западниот дел на Лондон. Својот прекар го добил по некогашниот „Битлс“ Џон Ленон, а беше идентификуван по неговиот типичен британски акцент.
Сега е еден од најбараните луѓе во светот, откако се појави на видеоснимките на ИД од бруталните егзекуции на заробените западни државјани – сите новинари, или хуманитарни работници.
Бегалецот од ИД, кој се нарекува Абу Ајман, за „Би-Би-Си“ вели дека го запознал Џихадистот Џон кога пред две години се нашле во Сирија, меѓу припадниците на исламистичките милитантни.И обајцата се британски муслимани.
– Џон е непријатен човек, чуден е и многу малку зборува. Не доаѓа со другите британски муслимани во ИД на молитвите, туку оди со своите најблиски другари – објаснува Ајман. Тој тврди дека Емвази самиот сакал да се појавува на видеоснимките што го шокираа светот.
Според бегалецот, кога првпат се сретнал со Емвази (Џихадистот Џон) двајцата биле само обични борци, кои им се приклучиле на сириските исламисти, во борбата да се собори од власт претседателот Башар ал Асад.
– Кај Емвази нема ништо специјално, ниту е тој нешто посебно, па затоа тој не е избран од водството на ИД да биде Џихадистот Џон. Никој не го намести да убива и да се фотографира, тој самиот реши да го прави тоа – вели Абу Ајман.
Овој бегалец открива дека во ИД постојат професионални психолози и тие избираат кои од припадниците на групата треба да станат „славни“ за да привлекуваат нови џихадисти меѓу младите муслимани во Европа. Џихадистот Џон е еден таков пример и групата сега го користи за својата пропаганда за регрутација, раскажува Ајман. Тој признава дека многу од младите во редовите на џихадистите се нашле таму не од религиозни или од воинствени побуди, туку за да се прикажуваат себеси, со новото оружје, со најсовремените пушки и со новите џипови.
Ајман објаснува дека побегнал од ИД кога му била дадена задача да учествува во ликвидацијата на жени и на деца. Сега тврди дека не е осамен во тоа и дека уште многу други ја чекаат првата можност што ќе им се укаже за да побегнат од Исламска држава.
Сите британски муслимани и другите што доаѓаат од странство, се упатуваат кон градот Атмех,во северна Сирија.
Таму постои еден осамен, изолиран и голем бегалски камп, но во напуштените и празни куќи се сместени припадниците на ИД, во кои имаат уредено и некаков комфор.
Секоја куќа во која се сместени џихадистите е означена според тоа од каде се дојдени, па така постои и „британска куќа“. Во неа бил Ајман и таму доаѓал повремено и Емвази, но не останувал таму .
Џихадистот Џон (Мохамед Емвази) е роден 1988 година во Кувајт. Во 2009 година дипломирал компјутеристика на Универзитетит „Вестминстер“ во Лондон. Таа година заминал во Кувајт за да живее со родните на неговиот татко, но една година подоцна морал да се врати во Британија затоа што кувајтските власти не сакале да му ја продолжат визата.
Во 2013 година го сменил името и одново заминал за Кувајт, но кога не му бил дозволен влез, тој, едноставно, „исчезнал“. Четири месеци подоцна се разбрало дека е во Сирија, заедно со џихадистите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Радост, насмевки, честитање – џихадист слави што ќе се разнесе со бомба (ВИДЕО)
-
Забите го издале: Наместо 12-годишен сирак од Авганистан, вдомила 21-годишен џихадист
-
На џихадист во Суматра не му се активираше бомбата, па со секира го нападнал свештеникот, но мештаните му се одмаздија (видео)
-
Судот во Хаг обвини џихадист од Мали за уништувањето на Тимбукту (фото)