Како да ги препознаеш „последните“ времиња? Аферите и скандалите станаа толку фреквентни што луѓето огуглаа. Повеќе не им веруваат ни на обичните сателитски снимки што „Гугл“ ги користи за своите навигациски системи кога треба да се снајде на непозната територија. Глобалното село стана само нешто малку повеќе од информации на „Инстаграм“ за тоа кој пие пиво пред селската продавница, дали пивото е скопско и слично…
Една латинска вели: кога големите не се согласуваат, малите страдаат…
Не заморувајте се со судење на оние што самите си пресудиле. Така само додавате уште повеќе апсурд на апсурдот. Ако сакате да се слушнете себеси, во ред. Видете си ја омразата и дајте ѝ оддишка на негативната енергија. Ако на емоцијата ѝ биде даден простор да се искаже, таа ќе ве ослободи од притисокот. Викајте пред огледалото сè што ќе ви падне на памет, но најпрво проверете дали некој го слуша вашиот повик или викате во празно.
Најлесно е да се оди против себе. И додека да видиш дека тоа „против“ е најнов тип бактерија увезен од лабораторија во супсахарска Африка, веќе те има во некоја репортажа „days the world changed“. Отпосле, се разбира. И колатерално.
Неутралниот фактор, наместо да ги смирува спротивставените страни, додава масло на огнот и предизвикува бура. Макар во чашка вода, но бура. Потоа не се борат луѓе против луѓе, туку демони. Со помош на својата моќ за деструкција се однесуваат како независни снајперисти. Пукаат „кому иде“, а ако одзади им се прикраде Џемс, Џемс Бонд, во нивните документи за идентификација може да прочита „не сум од тука“ и дипломатски имунитет.
Елиминирајте го стравот. Никој не влегува во истата река двапати. Особено ако тече низ центарот на градот. Дури има и такви што не влегле ниту еднаш. Реките се поопасни и од бермудски триаголник.
Некогаш богатството се сметало во коњи, добра облека и освојување туѓи жени. Освоените жени малку можеле да сторат околу изборот на новиот сопственик, посебно ако себеси се споредувале со содржината на гардероберот или сортата на коњот.
Од џендеристички аспект, кој има повисока емотивна интелигенција? Во секој случај, секогаш извисува детето. Особено ако е последица на силување.
Ете еден од најстарите модели во сите митологии, децата – жртви. Тргнувајќи од Ѕевс (од проста географска побуда), завршувајќи со Квацекоатл. Сè нешто се принесува како жртва. И со инка да им ставаш на Маите, не им влегува. А, пак, за Европа, муабет не правиме. За неа ништо не достасува, и нафта со црево да ѝ пикаш, и цевки за гас да ѝ инсталираш, вавилонската блудница се однесува ко сфинга и точка. Одбрано друштво на анонимуси, но одбрано.
Зошто готовите митови ги антиципираат сите, особено најгадните животни ситуации? Кој ги штанцал митовите?
И што е домино-ефект во позиционирањето на опозицијата? Crasmihi, утре тебе. Прави му го на другиот тоа што сакаш да ти го прават тебе. Бројот на домино коцките е ограничен и ефектот некаде мора да запре. Тоа „некаде“ во физиката се вика гравитација.
Играта со зборови е многу повеќе од игра. Софистициран начин да убиеш две мисли со еден удар. Потоа гром не те бие и спиеш како заклан.
За тоа време, засегнатите нека си изградат по еден олтар во себеси и секој ден пред спиење и по будење нека ги жртвуваат глупоста и отровот. Отровот што се насобрал во текот на денот.
А ако живееш во мала земја каде што секој се познава со секого, најлесно е да практикуваш агностицизам. Тоа е најбрз начин да му објасниш на своето супер его дека е време за гледање цртан филм, а вести не гледаш откако Бранка Станковска отиде во пензија.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.