Академскиот сликар Симон Шемов утре, во клубот „Матица ексклузив“, со почеток во 19 часот, ќе се претстави со изложба од нови триесет и шест дела. Изложбата ќе ја отвори проф. д-р Иван Џепаровски.
Како што соопштуваат организаторите, истовремено ќе биде промовирано и библиофилското издание на Шемов, „Медиум-целулоза“, рачна изработка на хартија, видови целулоза од домашно поднебје и нивна паралела со веќе познатите целулозни суровини.
Симон Шемов спаѓа во редовите на водечките имиња во македонското сликарство. Во изминатите творечки години остварил триесетина самостојни изложби во Скопје, Белград, Струмица, Кавадарци, Прилеп, Битола, Братфорд, Лондон, Единбург, Њујорк, а учествувал на над двесте и дваесет групни изложби. Добитник е на значајни национални и меѓународни награди.
Мултимедијалниот центар „Матица ексклузив“ со оваа изложба продолжува да ги афирмира македонските сликари. Во изминатите месеци со свои дела беа претставени сликарите Васко Ташковски, Коле Манев, Газанфер Бајрам и Владо Георгиевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.