Белгија ќе забележи победа над Македонија во Скопје ако одигра како што умее, вели Кристијан Бентеке, напаѓачот на „црвените ѓаволи“. Тој е оптимист пред двомечот Македонија – Белгија, а песимизмот останува за тренерот на Манчестер сити, Роберто Манчини. Италијанецот побара од колегата Марк Вилмотс да не го става во игра Винсент Компани бидејќи е повреден.
-Повредата на листот на ногата е сериозна и со Комапни не треба да се ризикува. Ако случајно игра и му се влоши повредата, ќе паузира повеќе од еден месец – вели Манчини.
Сепак, за настап на Компани, кој е мошне важна алка во одбраната на Белгија, ќе одлучат селекторот Вилмотс и Белгијците. Повредата на репрезентативниот соиграч не го намали оптимизмот во таборот на најголемиот фаворит во групата А за пласман на СП 2014 во Бразил.
– Сѐ зависи од нас. Ако одиграме како што знаеме, Македонците немаат што да бараат. Не станува збор за потценување, туку за разлика во квалитет. Имаме фантастична генерација и покажавме дека сме многу силни и квалитетни. Би бил задоволен и со 4 бода од двомечот со Македонија иако искрено очекувам две победи – вели Бентеке за белгиските медиуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.